Модерната и застарената технологија здружени во досетливото спасување во Тајланд

Модерната, но и застарената технологија, помогнаа во пронаоѓањето на децата и нивниот фудбалски тренер во пештерата Там Луанг во Тајланд, а технолошките направи би можеле да имаат пресудна улога и во акцијата за нивно спасување, пишува магазинот „Вајрд“.

– Не знаевме какви ќе бидат условите во пештерата, па се обидовме да ја донесеме сета технологија за која што сметавме дека би можела да биде од корист – вели Тана Славенветпан, кој го предводи 30-члениот инженерски тим од компанијата ПТТЕП, што учествува во спасувањето.

Технологијата вклучува три дрона опремени со модерни објективи со оптички леќи и со термални камери, кои вообичаено се користат при инспекциите на потенцијалните нафтени наоѓалишта. Дроновите добија нова улога во акцијата за спасување, со создавање на тридимензионална мапа од областа над пештерскиот комплекс, со цел за пронаоѓање отвори преку кои би можеле со дупчење да стигнат до делот од пештерата каде што се наоѓаат децата.

ПТТЕП донесе и две подводни возила, односно прототип на подводен дрон и далечински управувано возило. Возилата се опремени со сонарни скенери, кои можат да дадат подводен приказ на пештерата. По консултациите со спасувачките екипи, сепак, беше одлучено дека теренот не е погоден за нивна употреба.

Комуникацијата во пештерата претставува еден од најголемите предизвици при акцијата, бидејќи вообичаената радио-опема не функционира во пештерскиот комплекс, па израелската компанија „Макстех“ испрати еден од нејзините инженери, како и 17 радио-приемници со меш-технологија. Со овие направи може да се комуницира на оддалеченост од околу три километри, без користењето на физичката инфраструктура, односно на предавател за пренесување на сигналот.

Британските нуркачи, кои први стапија во контакт со децата во пештерата, користеа застарена технологија за да пренесуваат пораки на површината. Тие употребија радио-систем произведен пред безмалку 20 години, што користи ултраниска фреквенција.

Тимовите за спасување се обидуваат да пронајдат и други апарати кои би помогнале во спасувањето, со што моментно тестираат едноставна радио-опрема направена во домашни услови.

ПТТЕП пружи и пумпи за вода, цевки и инженерски совети, за да им помогне на спасувачите во извлекување на водата од пештерата.

NOVAMAKEDONIJA.MK

- Реклама -