Могерини: Западен Балкан во ЕУ ќе значи обединување на цела Европа, во спротивно ќе зажалиме

Прашањето за влез на Западен Балкан во Европската унија е прашање на повторно обединување на целиот европски континент. Тоа му е потребно како на Балканот, така и на самата Европска унија, порача шефицата на дипломатијата на ЕУ во заминување – Федерика Могерини, во своето обраќање на годишната конференција на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел.

Таа повика ЕУ да го задржи своето силно присуство на Западниот Балкан во име на остварување на јавниот интерес – воведување на целиот Балкан во ЕУ. „Убедена сум дека ако тоа не го направиме, ќе зажалиме веќе за неколку години“, рече Могерини.

„Имаме јасен интерес да го воведеме целиот Балкан во ЕУ. Сите знаеме дека е тоа долг, комплициран, секогаш интересен и жив процес што ќе бара доста време, решавање на многу проблеми, одлучност и силна политичка посветеност од сите вклучени страни“, порача таа.

Могерини го наведе и примерот со решавањето на прашањето за името на (Северна) Македонија, при што истакна дека истото е постигнато со големи заложби на Атина и Скопје, но и со константна поддршка и охрабрување од страна на Европската унија. Истото тоа треба да важи и за целиот Балкан – преку храброст, лидерство и упорност, Унијата треба да го задржи своето силно константно присуство, секој еден ден. Само со таков ангажман на Унијата на Балканот конечно ќе бидат остварени и сите можности кои континентот ги има, истакна високата претставничка на ЕУ.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

 

„На прво место е помирувањето. Ова е единственото место каде проширувањето се враќа на почетните вредности на изградба на ЕУ, а тоа е создавање на мир таму каде што имало војна“, рече таа, додавајќи дека земјите кои меѓусебно војувале пред само 20 години, денес, со помош на ЕУ перспективата, односно перспективата на живот „под ист кров“, можат да дојдат до вистинско помирување и мир.

„Тука е и прашањето на економски развој, трговија, социјален развој, безбедност. Од тоа добро ќе извлече не само Балканот, туку и сите ние. Нам ни е тоа потребно. На ЕУ ѝ е тоа потребно“, нагласи Могерини, повикувајќи дека „со мудрост и упорност треба да се направи следниот чекор кон обединување на европското семејство. Убедена сум дека ако тоа не го направиме, ќе зажалиме за неколку години“.

Дипломатката во својот говор истакна и дека Унијата ја остава во „добри раце“. Таа го пофали Жозеф Борел, кој е именуван за нов шеф на дипломатијата на ЕУ, дека е одличен министер, а воедно изрази и надеж дека ќе биде и одличен висок претставник на Унијата.

 

- Реклама -