Мојсовски: „Денеска ја исправаме децениската неправда кон спортистите“

Исправање на една децениска неправда кон спортистите и спортистките во нашата држава, најави денеска директорот на Агенцијата за млади и спорт – Наумче Мојсовски, кој информираше дека е отпочнат процесот за утврдување на законско решение за поранешните и сегашните спортисти да добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија.

Како што соопшти Мојсовски, во заедничка координација со Фондот за пензиско осигурување, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, формирана е работна група за изнаоѓање на најдобрите модели со коишто преку законска измена ќе се стигне до трајно и системско решение, со кое времето коешто спортистите го поминале професионално ангажирани од спортски клуб ќе им биде додадено, односно впишано, во пензискиот стаж во моментот кога ќе ги исполнат законските критериуми и старосната граница за заминување во пензија.

„Со нивниот придонес, влог, со нивната пожртвуваност, многу од нив и како наши најголеми амбасадори, репрезентативци, нѐ задолжиле сите нас, ја задолжиле државата која гордо ја претставувале во Европа и светот.

За спортистите и спортските работници, кои се занимаваат и се занимавале со професионален спорт, екипен или индивидуален, од независноста, па сѐ до денеска, немаше конкретно системско решение со коешто се регулира законски статусот за нивниот професионален ангажман, во делот што се однесува на здравствено, социјално, пензиско и инвалидско осигурување.

Тоа значи дека вложениот труд, потрошеното време и учинокот на секој спортист, по заминувањето во спортска пензија, па до исполнување на старосната возраст за исполнување на правото за пензија, до денеска, не добиле вредност, како секој друг работник кој работи во различни дејности“, посочи Мојсовски.

„Kако ракометар со повеќе од 20 години успешна ракометна и репрезентативна кариера, немам ниту еден ден стаж, а истата судбина ја делат плејада на спортски легенди. И, тоа се тажни неправди, но и навреда за сѐ што тој спортист дал за својата држава.

По завршувањето на спортската кариера, овие големи луѓе, се оставени на маргините на општеството, без работен стаж, без здравствено осигурување, но и најчесто и без алтернативна професија и образование, работи коишто ги испуштиле градејќи спортска кариера на највисоко ниво, посветени на достоинствено претставување и промоција на нашата држава ширум светот!

И, не, овие спортисти и спортистки никако не смеат да бидат заборавени од општеството.

И токму затоа, драго ми е што од овде денеска го најавувам процесот на реализација на моето прво ветување кога ја преземав оваа функција – правиме законско решение со кое овозможуваме поранешните и сегашните спортисти да добијат право на пензиски стаж, пензиско осигурување и пензија!

Денеска ја исправаме децениската неправда кон спортистите!“, порача директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Тој потенцираше дека Владата предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со целиот тим од Агенцијата за млади и спорт, преземаат конкретни мерки за да го вратат достоинството на спортистите и спортските работници и за да ја вратат довербата во спортот, а остварувањето на спортска пензија, како што рече, е само првиот сегмент од исполнувањето на владините мерки во тој правец. Следен сегмент е поддршката за регулирање, односно субвенционирање на придонесите на сегашните спортисти и спортистки. Тоа е процес којшто ќе отпочне во вториот квартал од годинава и ќе тече паралелно со тој за спортските пензии, најави Мојсовски.

- Реклама -