Во соопштение, од Амабсадата на Србија во Скопје наведуваат дека се целосно посветени на соработка со надлежните органи на земјава, за што поскоро откривање и гонење на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет, како што велат, недвосмилено може да се утврди од достапните снимки од безбедносните камери
На Денот на албанското знаме вчеравечер се случил инцидент и пред влезот Конзулатот на Србија во Куманово, каде што младо момче нагрнато со албанско знаме насилно ја отстранило таблата со државниот грб на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово – почесен конзул“, испишан на српски и на македонски јазик.
За случајот, преку соопштение, информираа од Амбасадата на Србија во Скопје, од каде, како што велат, изразуваат длабока загриженост во врска со „вчерашното сквернавење на симболите на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово“.
„Особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и станбени објекти наменети за членовите на персоналот на Република Србија не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Република Северна Македонија“,
се наведува во соопштението на српската амбасада.
Оттаму наведуваат дека се целосно посветени на соработката со надлежните органи на земјава, за што поскоро откривање и гонење на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет недвосмилено може да се утврди од достапните снимки од безбедносните камери.
„Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат сè за да се реши овој случај на адекватен начин“,
се додава во соопштението.