Во втората најмала држава во светот, но една од најбогатите, живеат околу 38.000 жители. Од едната страна опколени со морето, а од другата страна со клисури, на располагање имаат простор од 2.02 километри квадратни. Кога тука ќе се додадат и 40-те илјади луѓе кои секојдневно доаѓаат од Италија и Франција за да работат, станува јасно дека градот-држава има проблем со просторот.
Од тие причини, Монако почна со „насипување“ на морето и ширење на градот во Медитеранот. На вештачки создаденото парче копно, чија конструкција ќе чини 2.3 милијарди долари, удобно ќе можат да живеат околу 1.000 нови жители.
Колку за перспектива: Со милион долари во Монако можете да купите вила или стан со само 17 метри квадратни. Со истите пари во Њујорк ќе купите 26, а во Лондон 30 квадрати.
Третина од населението на Монако се милионери, а даночниот рај на малата држава значи дека приливот на богаташи нема да запре ни во иднина. Само 10.000 од жителите на Монако се родени таму.
Новата област – Portier Cove, се наоѓа во близина на казиното Monte Carlo – истото она казино што се појави во три „Џејмс Бонд“ филмови. Додека извршната власт на парламентарната монархија го надгледува проектот и бара изведувачи, се проценува дека приватните инвеститори ќе остварат профит од околу 4 милијарди долари од продажба на недвижнини.
Архитектот Денис Валоде, од париското архитектонско претпријатие Valode & Pistre, вели дека се работи за еколошки кварт каде посебно внимание ќе се обрне на тоа да не се наруши животинскиот и растителниот морски свет.
„Полуостровот ќе има овален облик – за да не ги пресечеме морските струи кои носат кислород. Особено сме амбициозни кога се работи за стабилноста на еко-системот и одржливоста на проектот. Под површината на водата планираме дури и на бетонските носачи да направиме простор за живеалишта за многу животински и растителни видови, а веќе пресадивме и десетина илјади видови растенија уште пред почетокот на проектот. Полуостровот ќе биде прекриен со медитерански билки, а секоја вила ќе има соларни панели“, објаснува Валоде.
За целото тоа време, проектот ќе биде надгледуван и од независна комисија од научници и експерти.
Моментално проектот е во фаза на испирање на подводниот песок и кал за да се соголи каменото дно. Потоа ќе се насипуваат камења, бетон, и на крајот – песок од северот на Сицилија. Платформата и инфраструктурата би требало да се готови до 2020-та, а за јавноста новиот кварт би требало да биде отворен во 2025-та година.