Москва: Ги идентификувавме остатоците од ракетите во Полска, станува збор за украински С-300

Министерството за одбрана на Русија денеска повторно и остро негираше каква било вмешаност во експлозијата во Полска во која загинаа две лица. Напротив, Москва е категорична дека се работи за украински проектил.

„Фотографиите од остатоците пронајдени во градот Пржеводов, кои циркулираа синоќа во Полска, беа недвосмислено идентификувани од руските воени специјалисти како елементи на противвоздушната наведувана ракета С-300 на украинската армија“, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС.

Од друга страна, руското МО посочи дека вчерашните руски ракетни напади врз Украина биле насочени кон цели лоцирани на најмалку 35 километри од полската граница.

„Сакаме да нагласиме дека ракетните напади беа извршени само на територијата на Украина и на оддалеченост не поблиску од 35 километри од полско-украинската граница“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, генерал-полковник Игор Конашенков.

„Изјавите на различни украински извори и странски претставници за наводни ‘руски проектили’ кои паднале во населбата Пржеводов се намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата“, додаде тој.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Инаку, дека се работи за противвоздушна украинска ракета C-300 на социјалните мрежи се шпекулираше уште вчера (сликата доле десно е од остаток од проектилот во Пржеводов, останатите се за споредба), меѓутоа Твитер корисниците меѓусебно се обвинуваа дека тоа е руска пропаганда.

Во однос на нападите врз Украина во текот на вчерашниот ден (15 ноември), Конашенков информираше дека „руските вооружени сили извршиле масивни воздушни и морски напади со прецизно оружје со долг дострел против воениот контролен систем на Украина и соодветните енергетски објекти“. Цели во Киев, додаде тој, не биле гаѓани.

- Реклама -