Moже ли НАСА да лажира слетување на Марс?

Кога НАСА ќе стигне на Марс – можеби до 2040-та, а се надеваме и порано – теоретичарите на заговори ќе речат дека НАСА лаже. Ќе речат дека било фејк. Ќе речат дека е истиот случај како и со слетувањето на Аполо 11 на Месечината, и дека и ова е снимено во студио или генерирано компјутерски. Ќе се одвива истата игра, само што тогаш нема Стенли Кјубрик да биде посочен со прст како реализатор на измамата. Луѓето ќе речат: „Нели е поверојатно НАСА да сними креативен научно-фантастичен филм, отколку да слета на Марс?“.

Реалниот одговор е „НЕ“. Од една страна се културните причини: Луѓето не одат да студираат на Caltech (Технолошкиот институт во Калифорнија и практично расадник на НАСА инженери) и не се борат за работа во Џет-пропулзионата лабораторија на НАСА за да снимаат филмови наменети да бидат популарни кај човечката популација. Од друга страна, постојат и практични причини. Од трета, треба да се напомене и дека патување до Марс е остварливо. НАСА е подобра во вселенски патувања од било кога, а ако ги прашате експертите, тие сметаат дека агенцијата уште одамна е способна да стигне до Марс. Едноставно, НАСА досега приоретизираше други мисии и операции, пред сé во пониската Земјина орбита. Дали таквата одлука беше најмудрата е друг муабет, ама ако нешто е сигурно, тоа е дека тоа што НАСА досега не го меркаше Марс ѝ заштеди многу пари на американската влада. Мисијата Аполо – која имаше задача едноставно да слета на Месечината, оддалечена 238.900 милји од Земјата – чинеше 110 милијарди долари. Тоа не е ништо во споредба со цената на мисијата до Марс, кој е на 140 милиони милји оддалеченост од Земјата.

„Ако би било можно да се стигне до Марс во 60-тите, денес тоа е двапати полесно“, вели Зефир Пеноир – астрономски научник на универзитетот во Колумбија. Тој во ноември одржа презентација за тоа каква сé физика би било потребно да се лажира за да се изведе лажно слетување на Месечината за време на програмата Аполо, како аргумент против шпекулациите дека НАСА стои зад една од најголемите лаги во историјата.

Најчесто се проценува дека ќе бидат потребни околу 6 месеци за да се прати екипаж меѓу двајца и четворица луѓе на Црвената планета. Тоа значи и дека вселенското летало ќе треба да се натовари со многу повеќе ресурси, воздух, системи за филтрирање на вода и радијациска заштита (што сé уште е голем проблем) отколку било кое од леталата во мисиите Аполо. Такво долго патување подразбира и извесен период на приземјеност на Марс, што значи дека бродот или ќе треба да служи и како функционално живеалиште, или ќе треба да биде оспособен и опремен да изгради такво. И како тоа да не е доволно, екипажот ќе треба да понесе и доволно опрема за на Марс да произведе доволно гориво за да може да се врати на Земјата.

Но дури и со сите овие пречки, лажирањето на мисија до Марс не е нешто многу поизводливо. Прво, и за такво нешто НАСА ќе треба да потроши многу пари. Пред сé, ќе мораат да вработат луѓе во секаквите сервиси за поддршка на мисијата, за што ќе мораат да потрошат добар капитал, бидејќи се поврзани со многу приватни компании чии очи ќе треба да се замачкаат. Потоа, ќе мораат да создадат примероци од марсовска почва кои ќе бидат доволно уверливи што ќе ги прелажат геолозите на Земјата. И најтешкото – НАСА ќе мора да го игра тоа лажно оро на многу долг рок – мисијата на Марс е проект што подразбира децении. Измамата не би можела да почне при лансирањето, ниту пак таму да заврши.

Има уште една очигледна причина: Не можеш да лажираш лансирање на ракета – овие нешта се видливи од километри оддалеченост, а приватни сателити и микро-сателити има насекаде. Резервоарите на таа ракета би можеле да бидат и празни, но сепак „мораш да приредиш шоу за секој што ќе сака да гледа“, вели Пеноир. Ќе дојдат новинари. Ќе дојдат толпи луѓе. Ќе мора да има ракета, па макар и само каросерија од ракета. И притоа ќе биде огромна, дополнува Пеноир.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Како и да е, ете, да речеме дека НАСА ќе лансира празна џиновска ракета; и после? НАСА ќе мора 6 месеци редовно да лажира снимки од астронаутите во капсулата на пат кон Марс додека изведуваат секакви глупости во нулта-гравитација. Реално, тоа е полесно отколку што звучи. НАСА и други компании веќе одамна симулираат нулта-гравитација и микрогравитација со специјални авиони со редуцирана гравитација, кои извршуваат брзи понирања во воздухот за да создадат чувство и перцепција на бестежинска состојба за патниците. И тоа не е нешто посебно евтино, ама ете, поевтино е од директен лет кон Марс.

И добро, лажната мисија стигнува до Марс. Тука доаѓаме до етапата во која мора да имате снимка од астронаутите додека одат наоколу и го истражуваат вонземскиот пејзаж. Тука има два главни аспекта:

1. Јавноста ќе очекува и можеби дури и ќе бара снимка од сув, црвен пејзаж. Во тој аспект, НАСА веројатно ќе учи од популарниот филм со Мет Дејмон од 2015-та – „Марсовец“. Ричард Стамерс – главниот техничар за визуелни ефекти за филмот, објаснува дека филмската екипа се стационирала во Вади Рум – локација што се смета за светско наследство и е заштитена од УНЕСКО, лоцирана во Јордан – за да ги сними сцените од околината.

„Беше извонредно убаво, со пустина и големи долини преплавени со црвеникава нијанса која беше совршена за симулирање на Марс“, вели тој. И бојата на песокот и бојата на каменот била соодветна, и Стамерс се сеќава дека местото изгледало како „надвор од оваа планета“.

Но проблемот е што Стамерс и неговиот тим морале „да го сменат небото“ и вештачки да го додадат изгледот на атмосфера исполнета со прав, и тоа отстранувајќи ги сите силни нијанси на сина боја. Со други зборови, во филмот има интензивно третирање на бојата. На НАСА би ѝ бил потребен филтер за да го изведе истото, а богами и булдожер, зашто секое ливче вегетација дефинитивно ќе биде забележано.

2. Другиот аспект во лажирање на снимка од површината на Марс е тоа да се избере како да се симулира гравитацијата на Марс. Црвената планета има трипати послаба гравитација од Земјата. Според Пеноир, разликата во гравитацијата е најголемата разлика „меѓу снимка од некој на Месечината, и снимка од некој на Земјата“. Истото важи и за Марс.

Конкретно за „Марсовец“, режисерот Ридли Скот многу се потрудил да ѝ ја „шитне“ слабата гравитација на Марс на публиката. Стамерс го извел тоа користејќи слоу-моушн камери. Предупредува, сепак, дека тоа да се изведе е „многу тешко“, бидејќи секое индивидуално движење нема по дифолт да изгледа како да се случува во микрогравитација, освен ако многу свесно го промените начинот на кој се движите и однесувате. На пример, Мет Дејмон морал да оди побрзо од обично, со повеќе отскок во чекорот, објаснува Стамерс. Накратко, тоа значи дека некој ќе мора да ги истренира „астронаутите“ кои би глумеле слетување на Марс за успешно да го доловат овој аспект.

Неизбежната реакција на сите овие пречки при снимање на филм е „зошто да не го направиме во пост-продукција?“. И да, тимовите за ефекти на „Марсовец“ користеа дигитално рендерирање за да направат позадината и околината да изгледа како Марс. Стамерс признава дека пост-продукцијата често се смета за главната етапа, т.е. „место на злосторот“ каде што се создава филмот, и смета дека може да биде така и во случај со лажирање на мисија кон Марс, под услов ракетата да биде вистинска.

* * *

Пеноир вели дека скептицизмот е разбирлив и дека е можно да се погледне изобилството од докази дека слетувањето на Месечината се случило – и сепак да не се верува во нив. Но тој не гледа доволно силна причина зошто некој би бил скептичен околу вистинитоста на слетувањето, или уште помалку, зошто некој воопшто би го лажирал. Аргументите на тие што го оспоруваат слетувањето на Месечината, вели тој, се самите многу лесни за оспорување. Ако ништо друго, сите тие подразбираат ниво на владина компетентност што во реалноста е тотално невозможно уште од самиот старт, а како поминува време – сé потешко и потешко остварливо.

- Реклама -