„Сите опции се отворени“, најави вчера на прес-конференцијата министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се можни рестрикции на движењето и за претстојниов викенд, кога православните верници го одбележуваат празникот Задушница.
Во православието, верниците на Задушница ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен и делат храна за душа на умрените.
Ќе се следи ситуацијата, а препораките и причините за препораките ќе бидат соопштени и образложени во текот на неделава, додаде Филипче.
Од друга страна, пак, надлежните постојано инсистираат дека новиот загрижувачки пораст на новозаразени се должи не на олабавување на мерките, вклучително не и на укинувањето на полицискиот час, туку на прекршување и непочитување на мерките токму за времетраење на полицискиот час.
Тоа вчера го потенцираше и вицепремиерот и шеф на Кризниот штаб – Бујар Османи.
„Сакам да ги отфрлам сите теории на заговор, ова е опасна болест, болест која убива. Само ако се однесуваме како да сме заболени од коронавирус и ако во секој контакт се однесуваме како лицето да е заболено, ќе се заштитиме. Она што го научивме досега е дека ниту една колективна мерка не е подобра од личната свест на граѓаните. Ако си сам свој полицаец и се грижиш за своето здравје и за здравјето на семејството, ќе се заштитиш. Ниту еден полицаец не може да дојде дома и да не контролира дали ги миеме рацете после допирање на предмети“, рече вицепремиерот.
Истото вчера го истакнаа и високи извори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за „Слободен печат“.
„Новиот голем број заразени со коронавирусот не е резултат од олабавување на рестриктивните мерки, како укинувањето на полицискиот час на пример, туку е резултат на однесувањето на граѓаните во периодот кога имаше строги рестрикции, односно непочитување на забраната за собири, непочитување на дистанцата, неносењето маски и групирањето“, тврдат тие.
Оттаму, се поставува прашањето: Ќе има ли и дали е неопходен полициски час и за претстојниот викенд, и колкав е реалниот ефект од ваквите рестрикции на движењето?