МТСП: Минималната плата од март ќе биде 20.175 денари, што е за над 10.000 ден повеќе во однос на 2016 година

Oд март, минималната плата ќе изнесува 20.175 денари, што е зголемување од 12.55 отсто, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Тоа значи дека граѓаните добиваат повисоки плати за над 2.000 денари, потенцираат од министерството.

„Со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата.

Секоја година во март минималната плата се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година“, посочуваат од МТСП.

Во соопштението се посочува и дека од 2017 година има континуирано зголемување на минималната плата, и тоа: во 2017/2018 година на 12.000 ден, во 2019 година на 12.507 ден, во 2020 на 14.500 денари, во 2021 на 15.194 ден.

Во март 2022 година минималната плата достигна 18.000 денари, за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари, потенцираат од министерството, додавајќи дека во март, кога ќе достигне 20.175 денари, минималната плата ќе биде за над 10.000 поголема во однос на 2016 година.

„Носиме системски решенија, од кои граѓаните имаат директни придобивки“, порачуваат од МТСП.

- Реклама -