Скопје, 25 јануари 2022 (МИА) – Од утре почнува етапната исплата на јануарски пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19. Јануарските пензии ќе бидат зголемени за 2.9 отсто, согласно законското усогласување кое се врши два пати годишно во јануари и јули. Усогласувањето се врши според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи објавени од Државниот завод за статистика.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата треба да се изврши на 26 јануари 2022 година (среда), а за пензии со висина од 11.001 до 14.000 денари, исплатата треба да се изврши на 27 јануари 2022 година (четврток).
Се предвидува пензиите со висина од 14.001 до 18.000 денари да бидат исплатени на 28 јануари 2022 година (петок), а исплатата за пензиите со висина над 18.001 денари треба да се изврши на 31 јануари 2022 година (понеделник).
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 26 јануари (среда). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
Од ресорното министерство посочуваат дека етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.мд/