Ликот на великанот на македонската лирика и основоположникот на современата поезија, Ацо Шопов и цитати од неговото творештво се насликани на ѕидовите на салата за приредби на ООУ„ Св. Климент Охридски“ во Битола.
Муралите се насловени „Сонувај на македонски“ и се дел од конкурсот на Министерството за култура „Цртај на македонски“, преку кој уметниците промовираат поинаква форма за оживување на ликот и делото на македонските дејци.
Низ цртежите провејуваат елементи од нашата историја, култура и традиција и на младите им овозможуваат на несекојдневен начин, преку творештвото на Ацо Шопов да се запознаат со моќта на пишаниот збор.
Ликовната уметничка Анкица Стевановска, со реализацијата на проектот „Сонувај на македонски“ успеа преку своите креативни идеи да ги поттикне младите генерации во заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилично писмо.
Министерството за култура ги поттикнува младите и покрај влијанието на странските јазици да говорат, да читаат и да пишуваат на македонски јазик, а уметниците да продолжат да создаваат креативни дела од современата уметност.