МВР: Графити, димна бомба и летоци, но гласањето генерално се одвива мирно, без проблеми

Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Според него, од отворањето на гласачките места досега се регистрирани две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје.

Исто така, околу 09:20 часот на избирачко место во село Бучим, радовишко, од страна на претседателот на избирачки одбор е пријавено дека едно лице му го покажало гласачкото ливче на еден набљудувач. Од страна на ОВР Радовиш се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Портпаролот на МВР вели дека покрај ова, на подрачје на општина Чаир во Скопје на паркирани возила биле оставани летоци во врска со изборниот процес, а на две локации во Скопје се забележани испишани графити.

Прочитајте и:  Тошковски: Договорено взаемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати

-На едно гласачко место во Скопје, покрај испишан графит, околу 06:30 часот претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека во ходникот била пронајдена испукана димна бомба. Од страна на полициски службеници се преземени потребните мерки и активности и гласањето и на ова избирачко место се одвива непречено, рече на прес-конференцијата Ангеловски. 

Тој истакна дека МВР апелира граѓаните и учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето на овој изборниот ден да се воздржат од инциденти, а доколку се забележи било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица. 

- Реклама -