МВР и ТАВ Македонија: Успешно реализирана вежба „Сигурен хоризонт 2026“ – подготовка за реагирање на сложени безбедносни закани (ВИДЕО)

На вежбата присуствуваа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, заедно со претставници од повеќе институции вклучени во системот на безбедноста и управувањето со кризни состојби.

Симулациската вежба беше спроведена согласно Националниот план за постапување во вонредни состојби предизвикани од незаконско дејствување против безбедноста на цивилното воздухопловство. Целта беше да се тестира подготвеноста и координацијата на сите надлежни служби во услови на сложени безбедносни закани.

Сценариото на вежбата опфати неколку фази, вклучувајќи диверзија со импровизирана експлозивна направа во ВИП-зоната, координиран терористички напад со заложничка криза во терминалната зграда, активирање на кризен штаб, како и синхронизиран одговор од специјалните единици, евакуација, преговори и неутрализација на сторителите, проследени со медицинска интервенција и стабилизација на состојбата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење за безбедносниот систем.

„Целта на оваа вежба е да се изврши сеопфатно тестирање на системот за реагирање во услови на сложени безбедносни закани, преку симулација на реални сценарија. Со овие активности ја проверуваме оперативната подготвеност на полициските службеници, нивната способност за брза и ефикасна реакција, како и координацијата и комуникацијата меѓу сите инволвирани субјекти“, нагласи Јанев.

Заменик генералниот директор за операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, истакна дека безбедноста на патниците и на персоналот е најважен приоритет.

„Денешната симулациска вежба на Аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ потврднa дека безбедносните служби на ТАВ Македонија се високо подготвени и дека постои одлична координација со Министерството за внатрешни работи. Преку ваквите вежби ја зајакнуваме способноста за брза и ефикасна реакција во услови на сложени безбедносни предизвици“, изјави Лупевски.

Со реализацијата на вежбата беа тестирани капацитетите за брза реакција, интер-институционалната координација и комуникација, како и способноста за ефикасно управување со кризни ситуации, со посебен акцент на заштита на патниците, персоналот и аеродромската инфраструктура.

Министерството за внатрешни работи изразува благодарност до сите учесници во подготовката и реализацијата на вежбата, ТАВ Македонија, Противпожарната служба и службата за итна медицинска помош при ТАВ Македонија.

Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија ќе продолжат со заедничките активности и вежби во иднина, со цел континуирано унапредување на безбедноста и подготвеноста за справување со сите видови закани.