МВР: Пресечен меѓународен канал за транспорт, запленета дрога вредна 120.000 евра

На влезот во Гостивар, во заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје, Специјалната антитерористичка единица Тигар, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, СВР Охрид, ОВР Струга, СВР Тетово и ОВР Гостивар, координирана од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, денеска беше спречен меѓународен транспорт на 32 килограми марихуана, вредна околу 120.000 евра, од Република Албанија во Република Северна Македонија.

На местото, како што информираат од МВР, биле запрени две патнички возила „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Првото, во кое биле К.Л.(35) од Скопје, со престој во Горна Матка, В.Б.(46) од Скопје, со престој во Горна Матка и албанскиот државјанин Г.Џ.(42), било претходница. А во второто, кое го управувал М.А(44) од село Грчец, била транспортирана дрогата.

– На знак за запирање, даден од полициски службеници, возилото не застанало и се обидело да побегне, но набргу било запрено и во багажникот биле пронајдени три торби со околу 32 килограми марихуана. Криминалната група била организирана од септември 2023 година од албанскиот државјанин, кој бил баран со потерница во Република Албанија и други држави од Европската Унија, исто така, за недозволена продажба на наркотици, се вели во соопштението од МВР.

Во периодот од септември до сега тој организирал транспорт на дрога од Албанија во нашата држава, по што во Скопје организирал мрежа на препродавачи.

Лицата, како што информира МВР, биле лишени од слобода, а во текот на денот, со судска наредба, биле извршени претреси на пет локации во Скопје, при што биле пронајдени марихуана и други материјални докази за нивната инволвираност во вршење на кривичното дело. По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

МИА

- Реклама -