МВР: Во полициска станица се врши службен разговор со Б.Н, еден од пријавените за нападот во М-НАВ

Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М- НАВ, во полициска станица по налог на Основното јавно обвинителство се врши службен разговор со Б.Н., информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.

Како што наведе МВР во соопштение по нападот, во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).

Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека  се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.

Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.

Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.

Владата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.

Струковиот синдикат на контролори на летање ноќеска на вонреден состанок донесе повеќе одлуки и барања и најави штрајк со затворање на воздушниот простор од 10 јануари доколку во меѓувреме тројцата извршни директори на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши.

Како што изјави Тасевски изутринава, според последните информации од неговите колеги, активностите во М-НАВ се одвиваат како што треба, но очекуваат надлежните институции да си ја завршат својата работа.

-По координацијата и апелите, испратени се службени лица се додека не се воспостави нормален начин на обезбедување. Рано изутрина колегите потврдија дека активностите се одвиваат како што треба. Револтот, нервозата и стресот се големи и очекуваме државните институции да си ја завршат нивната работа, да проработи свеста кај директорите и да не ја комплицираат состојбата, изјави за МИА Тасевски.

Тој претодно информираше дека завчера телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи и му била презентирна пријава од страна на двајца од тројцата директори во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Фасим Деари. Тие поднеле кривична пријава против него, како што рече, врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик.

 

- Реклама -