МЗ: Најголем дел од патниците на летот Скопје-Турку патувале со косовски пасош

Најголем дел од 157-те патници на летот од Скопје на кој 24 лица биле позитивни на Ковид-19, а кој ги исплаши финските власти и ги натера да воведат задолжителни ковид-тестови и карантин, биле патници иселеници коишто доаѓаат во Северна Македонија или транзирираат преку земјава од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, а за коишто со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата, велат од Министерството за здравство откако извршиле проверка на информациите заедно со службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција.

Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.

Од Министерството велат дека собираат информации од финските власти за тоа кои се 24 патници позитивни на вирусот и дали станува збор за неколку семејства или се поединечни случаи, и каков тип на тестови им биле направени. Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во нашата земја. По добивање на информациите за позитивните веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите кои тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја, информираат од МЗ.

Министерството уште еднаш испрати апел задолжително да се почитуваат сите мерки за лична заштита при секое патување и секаде каде што е пропишано, да се врши честа дезинфекција на раце и одржување дистанца.

- Реклама -