На автобусите на ЈСП нема залепено забрането за Роми, ама постапките зборуваат сами за себе, рече Дудуш на протестот пред Град Скопје

„Зошто само во Шуто Оризари над 90 отсто од линиите ги возат само приватни превозници? Зашто денеска повторно кај нас нема автобуси? Зашто не се собира редовно сметот? Кои депонии Градот Скопје ги отстранил од Шуто Оризари? Понесете одговорност за вашите недела кон граѓаните на Шуто Оризари и кон граѓаните на Скопје и покажете политичка зрелост. Знаете сами што значи тоа“, ѝ порача градоначалникот на Шуто Оризари на својата колешка, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска

Извикувајќи „Скопје бара превоз“, „Ветуваа редовни линии, добивме редовни лаги“, „Само во Шуто Оризари не се чистат депонии, зошто?“, попладнево стотици граѓани протестираа пред бараките на Градот Скопје поради проблемите со градскиот превоз и недостиг на автобуси во главниот град.

И покрај тоа што вчера Владата донесе одлука на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да му позајми нафта од државните резерви за следните седум дена и денеска се нормализира градскиот превоз, сепак се одржа протестот што го најави градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, Сојузот на средношколци, а им се приклучија и студенти.

Пред влезот на градската управа имаше и силно полициско обезбедување.

Протест пред Град Скопје / Фото: Принтскрин

Демонстрантите се жалат не само на дводневниот застој во автобускиот превоз, туку и на континуираните проблеми со градскиот превоз и неодговорниот однос на градската администрација и ЈСП кон жителите на Општината Шуто Оризари, кои се сметаат за најзасегнати во овој случај.

Курто Дудуш, градоначалникот на Општината Шуто Оризари, денеска рече дека по две годишна агонија на граѓаните на Шуто Оризари повторно се на протест, со цел да го да го искажат револтот до градоначалничката Данела Арсовска.

Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш на протест пред Град Скопје / Фото: Принтсрин

„Имаме неколку барања во однос на функционирањето на ЈСП во Општината како услов за прекин на протестите пред Град Скопје. Ова нема да застане тука ако не се реши проблемот. Следната недела најавуваме повторно протести“,

вели тој.

Потсети дека на 12 септември 2022 година 2 000 граѓани на Општина Шуто Оризари до канцелариите на Градот дошле пеш и на мировен протест испратиле барања до неа.

„Тогаш ве прашаа до кога граѓаните на Шуто Оризари ќе се корисници на недостојни автобуси, нередовни и нецелосни линии на јавниот превоз. До кога ќе чекаат изградба на паркови и зелени површини? До кога ќе чекаат изградба на булевари во општината? Кога ќе се вработат Роми во администрацијата на Град Скопје? Одговори немаме“,

рече градоначалникот Дудуш.

Протест пред Град Скопје / Фото: Принтскрин

Според него, дискриминаторски е 40 илјади граѓани да останат без јавен превоз 730 дена.

„Ова е нехумано и дискриматорски да оставите граѓани толку денови без превоз. Зошто само во Шуто Оризари над 90 отсто од линиите ги возат само приватни превозници? Зашто денес повторно кај нас пак нема автобуси? Зашто не се собира редовно сметот? Кои депонии Градот Скопје ги отстранил од Шуто Оризари? Понесете одговорност за вашите недела кон граѓаните на Шуто Оризари и кон граѓаните на Скопје и покажете политичка зрелост. Знаете сами што значи тоа“,

вели тој.

Критикувајќи го недостатокот на линијата „61“, рече:

„Немате залепено на автобусите на ЈСП, забрането за Роми. Ама не мора. Вашите постапки зборуваат сами за себе“,

рече тој.

На новинарско прашање дали е во комуникација со Арсовска, посочи дека таа е секогаш недостапна и дека верува оти не комуницира со ниту еден градоначалник во Скопје.

„Имаме комуникација преку секретарот на Градот Скопје, но не и лична“,

вели тој.

Протест пред Град Скопје / Фото: МИА

Александар Николоски, претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на протестот изјави дека според спроведената анкета на над 3 500 студенти, 85 отсто од студентите во последните две недели чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65 отсто повеќе од 20 минути.

„Универзитетското студентско собрание се приклучи на овој протест зашто сметаме дека од лични интереси, партиски или политички препукувања студентите и средношколците не смеат да трпат товар“,

рече тој.

Според Берин Мухамед од Сојузот на средношколци, на секој час може да се забележи дека половина од класот е празен поради доцнење на автобусите.

Скопјани два дена мораа да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места откако јавниот градски превоз во главниот град беше драстично редуциран, поради недостигот на гориво.

Според изјавите од синдикатите при ЈСП, низ градот сообраќаа околу триесетина автобуси кои возат на метан и мал дел кои веќе имале наполнети резервоари. 

- Реклама -