На сцената на Битолскиот Народен Театар вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани, по текст на Максим Горки. Ова е трета премиера годинава во битолскиот тетатар.
-Направивме една претстава која на некој начин е продолжување на неговата уметничка и воопшто животна естетика. Една голема екипа составена од многу штрафови од механизмот на „На дното“. Народниот театар – Битола ги третира старите теми на некаков современ начин и ги аплицира на денешното живеење и затоа сум посебно горд што секој лик во претсавата пред се функционира внатре како некој механизам кој е блиску до совршено направен. Претстава која се надевам која нема секому да се допадне бидејќи третира некои работи од нашето живеење и овој дехуманизиран свет во кој што живееме. Но има и хумор, кисел и остар хумор“ – вели Иван Јерчиќ, директор на НТБ и еден од актерите.
Во претставата играат: Соња Ошавкова, Валентина Грамосли, Елена Моше, Илина Чоревска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Маја Андоновска – Илијевски, Марија Стефановска, Сандра Грибовска Илиевска, Анастазиа Христовска, Иван Јерчиќ, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Александар Димитровски, Никола Пројчевски, Александар Стефановски и Никола Стефанов.
-Ова е актерско дело на прекрасни ликови освен што има многу добар субјект. Верувам дека стигнавме до една многу добра претстава. Прекрасни актери и мислам дека имавме еден креативен процес во кој сите актери го најдоа најдоброто од своите прашања што треба да ги поставува преку ликот на Горки – рече на прес конференцијата режисерот Ријани.
„На дното“ е пиеса од Горки која датира од 1902 година, а овој фундаментално значаен писател како да ја исцртува еволуцијата на светските филозофски идеи од паганството и христијанството до идејата за „натчовекот“ на Ниче, односно како чекор по чекор се создаваат најповолни услови за прогласување и одобрување на новата на онаа на Горки – филозофија на човекот. Ријани го организира метатекстуалниот простор во претставата на начинот на кој веднаш ни открива дека „идеологијата“ на ликовите, кои овде се „полу-луѓе“ и „ѕверови“ денес е луксуз, дека сите и засекогаш во исто време се заглавени овде каде нема влез и излез.
-Од кога почнав да зреам како човек се прашувам какво е ова време во кое живееме, дали постои поголемо дно кога ќе почнат да се случуваат некакви страшни работи за кои сме сведоци дека постајно нѝ го вознемируваат секојдневието на различни теми. Во изминатиот месец и пол кој беше интензивен со проби се прашувам дали постои поголемо дно, дали живееме на дното и дали сме се родиле во ова дно или во процесот на нештата сме стигнале до ова дно. Можам само да направам паралела дека секое време си има свое дно, дека човештовото никако не учи од сопствените грешки. Постојаното копнеење дека надвор од ова дно не очекува нешто подобро никогаш и никако не е одговорот дека нема некое поголемо дно. Со оваа проблематика се занимава оваа претстава и ги коментира сите дна коишто човекот ги живее. Оваа претстава не се врзува за едно време. Таа ќе те прошета од минатото до иднината, можеби ќе ја прескокне сегашноста но многу остро и јасно ќе не пресече секој на различен начин бидејќи сите ние се наоѓаме на различно лично дно па потоа и на општествено дно – истакна актерката Маја Андоновска-Илијевски.
За актерот Никола Стефанов, ова е втора соработка со Ќендрим Ријани и втор пат го работи овој текст кој претходно беше поставен во Штипскиот театар во 2016 година.
-Ова е многу актуелен текст бидејќи светот некако оди во буквално дно и поголемо дно. Имаме претстава која пред сѐ беше комплицирана за работа бидејќи сме шеснаесет луѓе и требаше да се сплотиме во едно, а претставата допрва ќе се развива во еден поубав правец – истакна актерот Никола Стефанов.
За актерката Илина Чоревска, Ријани е еден од помладите режисери кои успева кај актерот да разбуди некои прашања во текот на целиот процес и актерот да се преиспитува во текот на целиот процес и дава некои одговори.
– Тој го прави тоа на некој суптилен начин за на крајот да добиеме еден ваков одговор кој што се
вика „На дното“. Имаме исклучителна можност да го коментираме времето во кое живееме и мислам дека треба со голема слобода да го правиме тоа бидејќи не знам дали се движиме на правилен начин, не само кај нас туку и во целиот свет. Не само што ние имаме слобода да го коментираме тоа зло и ѕверство што постои кај луѓето, туку и публиката ќе има можност да си
го постави тоа прашање и никако нема да излзезе од оваа претстава како да ѝ е сеедно– вели актерката Илина Чоревска.
Следната извеба на претставата е утре од 20 часот на сцената на НТБ.