На гинеколог со маски, зашто инаку срамота е

Пред некое време, гинеколошкиот оддел во болницата Nong Krot во Тајланд повеќе заличи на маскенбал, отколку на здравствена установа. И пациентите, и персоналот, носеа маски. Се работеше за иницијатива која требаше да ги охрабри жените да направат пап-тест.

ПАП-тестот (според американскиот доктор со грчко потекло – Георгиос Папаниколау) има за цел рано откривање на абнормални клетки кои имаат потенцијал да предизвикаат рак на грлото на матката, и нормално, вклучува процедура со која со мала четка се зема бриз од вагината – процедура од која многу тајвански жени толку многу се срамат, што порадо ризикуваат да добијат рак.

Па така, за да го ублажат проблемот, локалните власти во соработка со болницата се решија за маски. Таквата идеја им е инспирирана од популарното ТВ шоу The Mask Singer – музичка аудиција во која натпреварувачите ги кријат своите идентитети со маски.

Позитивното во случајов со маскираните Тајванки е што иницијативата ја наполни болницата и многу жени го направија прегледот. Смешното е што дури и со маска, тие мораат да покажат лична карта пред да можат да направат ПАП-тест… Што нé води до заклучок дека се работи за „што ќе речат комшиите“ тип на срам – синдром што и ние Македонците добро го познаваме, па и не ни остава многу простор да ги исмеваме Тајланѓанкиве. Башка, си имаме ние и наши хорор-приказни од гинеколошките оддели.

Како и да е, гинеколошкиот маскенбал не помина незабележан на Интернет. Едни ја поздравија успешната иницијатива (која сигурно ќе се случува и во иднина), други беа лути и верглаа дека проблемот мора да се реши преку едукација на жените и промена на нивната перцепција, а трети инсистираа дека токму ваквите иницијативи се првиот чекор кон таквата цел.

- Реклама -