Десетина туристи биле вратени на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција – Промахонас, бидејќи покажале лажни корона тестови, објави грчката телевизија „Мега“.
Како што пренесува телевизијата, изминативе денови била извршена интензивна контрола во близина на граничниот премин, при што е откриена организирана група која продавала лажни потврди. Имено, бланко потврдите биле набавувани од неовластени лаборатории, а потоа, по цена од 30-40 евра, во нив било внесувано името на туристот купувач за да може непречено да влезе во Грција.
Поради лажните корона тестови, грчките власти донесоа одлука од следната среда да бидат прифаќани само ПЦР тестови од вкупно 100 овластени лаборатории на Балканот. Притоа, истите ќе треба да бидат преведени и на англиски.