Заборавете на црвеното светло и семафорите, и прелетајте преку раскрсница макар и во полн гас – барем тоа е идејата зад технологијата што Ford планира да ја популаризира и имплементира на раскрсниците од иднината. Иако самата идеја да се препуштите во рацете на компјутерите и програмираните алгоритми, и да им препуштите да ве пренесат преку раскрсница без запирање – делува застрашувачки, во пракса тоа би требало да биде многу побезбедно и од денешните раскрсници со семафори.
А токму тоа е новата Фордова технологија IMP, т.е. Intersection Priority Management – систем на управување на првенство при поминување на раскрсница, кој би го регулирал протокот на возила со оптимално темпо.
Статистиката вели дека возачите годишно трошат два дена чекајќи на семафор. Ford смета дека нивната технологија тоа може да го исправи. Системот се базира на комуникација меѓу возилата, и така го координира нивното движење. На пример, ако наидуваат две возила на иста раскрсница, системот калкулира кое возило ќе помине прво и ја одредува оптималната брзина за поминување низ истата, без да дојде до судар со другото возило.
И од самата демонстрација во видеото се гледа дека во пракса овој систем прави возачот да се чувствува беспомошен, барем на почетокот. Во Ford, се разбира, не мислат така. Нивниот систем работи на истиот принцип на кој се движиме како пешаци кога си го пресекуваме патот и се разминуваме, а со оглед дека 60% од сообраќајките се случуваат на раскрсници, со ова дополнително би се зголемила безбедноста.
Плус, нагласуваат од Ford, овој систем штеди време, но и пари, бидејќи влијае на потрошувачката на гориво, т.е. ја намалува. А со тоа ќе се намали и штетното дејство врз природата.