На сцената на Националната опера и балет на 16 април со почеток во 20.00 часот ќе се изведе современиот балет „Сага“ (идентитети), во рамките на jубилејното 20. издание на Танц Фест Скопје.
„Сага” (идентитети) е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Бобан Ковачевски и гостинот Балаж Лочеи (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицев, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска. Со еден збор обединети со комплетниот ансамбл на Националниот балет создаваат претстава за луѓето, поминуваат низ историјата и се задржуваат на сегашноста. Либретото се базира врз народни преданија и современа поезија на македонски автори, во кое централно место зазема песната „Везилка” на великанот Блаже Конески.
Современиот балет „Сага“ (идентитети) е во рамките на 20. издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024, кое има нов концепт и повеќе различни програми, меѓу кои и програмата насловена „Паралели“ во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.