Над 10.000 демонстранти во Берлин против вооружувањето на Украина

Над 10.000 луѓе, под големо полициско присуство, денеска излегоа на демонстрации во Берлин против вооружувањето на Украина „за војна со Русија“. Највисоките претставници на германската влада го критикуваа протестот.

Организиран од истакната левичарка германска политичарка, протестот доаѓа еден ден по годишнината од руската инвазија врз Украина.

„Го повикуваме германскиот канцелар да ја запре ескалацијата на испораките на оружје. Сега! … Затоа што секој изгубен ден чини до 1.000 изгубени животи повеќе и нѐ приближува до трета светска војна“, објавија организаторите на протестот на нивната веб-страница.

Германија, заедно со САД, е еден од најголемите доставувачи на оружје за Украина.

Портпаролот на полицијата рече дека 10.000 луѓе се собрале кај Бранденбуршка порта во центарот на Берлин. Полицијата мобилизираше 1.400 службеници за да го зачува мирот и да спроведе забрани за воени униформи, руски и советски знамиња, руски воени песни и десничарски симболи.

Портпаролот на полицијата рече дека нема знаци на присуство на десничарски групи и дека протестот бил мирен.

Од друга страна, ДПА објави анкета спроведена од Институтот Југав, според која најголем дел од анкетираните Германци се согласуваат дека со снабдувањето на Украина со оружје, нивната земја е учесник во војната.

Прочитајте и:  Јермак: Преговори со Русија се можни под услов да се врати ситуацијата од 23 февруари 2022 година

Имено, 51% од анкетираните се согласуваат со таа изјава, а само 37% одговориле дека не се согласуваат.

Во однос на самите испораки на оружје, 40 отсто од анкетираните сметаат дека Германија испраќа премногу оружје во Украина, 22 отсто сметаат дека помошта е премала, а 23 отсто сметаат дека станува збор за адекватна количина.

Што се однесува до планираната испорака на тенковите „Леопард 2“, од кои првите 18 германската влада сака да ги испорача на фронтот до крајот на март, 44 отсто од Германците сметаат дека тоа е грешка, а 41 отсто дека тоа е правилен потег.

Од почетокот на инвазијата минатата година, германската влада одобри испорака на оружје и друго вооружување за Украина во вредност од околу 2.6 милијарди евра. Според неодамнешните статистики на Килскиот институт за светска економија, Германија е на четвртото место во однос на воената помош за Украина, по САД, Велика Британија и Полска. Но, ако се земе во предвид износот на воената помош во однос на бруто домашниот производ, Германија е повисоко рангирана дури и од помалите земји, особено оние во Источна Европа.

Извор: МИА

- Реклама -