Надал заврши со тенис за годинава

Мајорка, 20 август 2021 (МИА) – Рафаел Надал изјави дека поради повреда на стапалото нема да биде во можност да продолжи да игра тенис оваа година.

Поради повредата, 20-кратниот победник на Грен-слем турнирите пропушти повеќе настани, помеѓу кои Олимписките игри, Вимблдон, а сега и УС Опен.

„По враќањето од Торонто, земав неколку дена да размислам и разговарам со моето семејство, тимот и особено со лекарот, за да откриеме што се случува. Но, стапалото не е баш најдобро и во изминатата година не бев во можност да тренирам и да се подготвам на начин на кој што треба за да бидам конкурентен на стандардот на кој сакам да бидам“, изјави Надал.

Дополни дека одлуката била неопходна, но е сигурен дека ќе закрепне потполно и ќе биде во можност повторно да се натпреварува.

Прочитајте и:  Крај на големото тениско ривалство: Ѓоковиќ го победи Надал во Ријад

„Повредата не е ништо ново, ја имам од 2005 година, во тој момент лекарите беа многу негативни во однос на иднината на мојата кариера, но оттогаш имав кариера за која никогаш не сум сонувал, така што, уверен сум дека ќе бидам добар“, посочи Надал.

Како што кажа, ќе се бори секој ден да го оствари тоа, бидејќи смета дека му преостануваат уште неколку прекрасни години и едвај чека да се врати.

Тој ја заработи повредата на Отвореното првенство на Франција во јуни, каде што за првпат не успеа да ја одбрани титулата од 2016 година во поразот од Новак Ѓоковиќ во полуфиналето.

- Реклама -