Најголемиот преварант во историјата на светот

На врвот од својата лажна кариера, Фердинанд Валдо Демара оперирал 16 војници и успеал да им го спаси животот. Сé што знаел за хирургија научил неколку минути порано листајќи учебници. Имал живот достоен за филм…

debara

Кога Фердинанд Валдо Демара од Масачустес почина во 1982 година, светот загуби еден од најголемите измамници во историјата. Побегнал од семејната куќа кога имал 16 години, и иако никогаш не стекнал универзитетско образование, животот го поминал како доктор, управител на затвор, професор, правник, актер, уредник и војник.

Неговата исклучително возбудлива животна приказна започнува уште со самото бегство, само неколку месеци откако неговото богато семејство морало да се пресели во сиромашен кварт поради финансиски проблеми. Валдо ќе се приклучи на една римокатоличка црковна група.

Војник, психолог, инструктор

Со нив поминал неколку години, а потоа во 1941 година ѝ се приклучил на војската. Веќе следната година започнал неколку „нови животи“ под името Ентони Игнолиа, негов познаник од војската. Во два наврати се обидел да се приклучи кон пешадијата, но завршил во морнарица.

Откако видел дека таму не напредува доволно брзо, Демара излажирал самоубиство и животот го продолжил под името Роберт Линтон Френч. Неговата нова работа била религиски настроен психолог на колеџот Ганон во Пенсилванија, по што се вработил како болничар во санаториум во Лос Анџелес и како инструктор на колеџот Свети Мартин во Вашингтон.

Тогаш за прв пат бил „уловен“ – ФБИ го фатиле и го притвориле на 18 месеци поради дезертерство.

Основач на колеџ и управител на затвор

Таа „ситница“ не му ја попречила богатата кариера на измамник. Откако бил пуштен од затвор, преземал нов лажен идентитет и се приклучил кон нова римокатоличка група, паралелно додека навечер учел право.

Како член на групата, Демара со помош од државата основал колеџ, убедувајќи ги властите дека треба да се изучува повеќе веронаука во градот. Разочаран од фактот што групата не го именувала за ректор, Демара ја напуштил, а приказната за својот неверојатен живот ја продал на магазинот Life.

Потоа кратко се оддал на алкохол, а кога успеал да дојде до нови лажни исправи, се вработил како управител на затвор во Тексас. Таму пак бил разоткриен кога магазинот Life дошол до рацете на еден затвореник кој го препознал.

Како хирург спасил 16 животи

Во редовите на црковната група, Демара го запознал младиот доктор Џозеф, што ќе значи почеток на една од најголемите измами. Претставувајќи се како тој да е Џозеф, Демара се качува на HMCS Cayuga – воен брод на канадската морнарица, на кој се вработил како хирург на трауматологија. Не е за верување, но човекот на бродот извршил 16 успешни операции на тешко ранети војници.

Кога војниците биле примени на бродот, Демара им наредил на медицинските сестри да ги подготват за операција. Тогаш се стрчал во канцеларијата и во енциклопедија во само неколку минути погледнал што треба да прави. По успешните операции, лажниот хирург стигнува на страниците на најголемите канадски весници, кои ги фалеле неговите подвизи.

Славата добила друга димензија кога еден медиум ја пронашол мајката на вистинскиот Џозеф и Демара повторно бил разоткриен. Откако веста за тоа стигнала до капетанот на бродот, тој одбил да верува дека Демара не е хирург. Канадската морнарица одлучила да не покрене тужба, а Демара се вратил во САД.

Крајот на кариерата

Неговата последна работа била свештеник во болница во Калифорнија. Иако и таму бил разоткриен, допуштено му било да остане бидејќи развил цврсто пријателство со управителот и еден од сопствениците на болницата. Таму работел сé до 1980 година.

Две години подоцна Фердинанд Валдо Демара починал од срцева слабост предизвикана од дијабетес, заради кој му биле и ампутирани двете нозе.

Возбудливиот живот на Демара никогаш не бил мотивиран од парите, ниту пак имал некаков посебен интерес кон нив. Авторите кои по неговата смрт работеле на неговата биографија оствариле интервјуа со куп луѓе кои во овој или оној момент се нашле во ситуација да му бидат претпоставени на измамникот. Сите рекле дека биле задоволни од неговата работа. Аналитичарите сметаат дека Демара веројатно имал фотографско памтење и висок степен на интелигенција – добитна комбинација за сите негови измами.

Демара пак, како човек, се водел од две верувања. Едното од нив е дека во секоја организација постои многу неискористен потенцијал кој може да се искористи без да се оштети некој друг. Второто е: ако имаш моќ и сакаш да ја прошириш, никогаш не гази на нечиј простор, туку отвори ново пространство, пишува во неговата биографија.

- Реклама -