Количината на пластика и микропластика во пацифичката зона меѓу Калифорнија и Хаваи продолжува да расте.
На подрачјето на Тихиот океан веќе плутаат околу 80.000 тона пластика – што е 16 пати повеќе од претходните проценки, а ѓубрето веќе си има и име – „Големиот пацифички остров на ѓубрето“
Истражувањето објавено во „Scientific report“ покажува дека „островот на ѓубре“ зафаќа површина од 1.6 милиони километри квадратни, и содржи вкупно 1.8 милијарди честици со различна големина, од кои 99% отпаѓаат на пластика. До ваквите податоци од фондацијата „The Ocean Cleanup“ доаѓаат врз основа на анализите од фотографиите од воздух, како и отпадот што е уловен во мрежите на тоа подрачје.
„Островот на ѓубре“ е најголема, но само една од петте акумулациони зони на кои се таложи океанскиот пластичен отпад под влијание на океанските струи.
Научниците најмногу ги загрижува фактот што меѓу отпадот се зголемува количината на микропластика – т.е. парчињата пластика помали од 5 милиметри. Истражувањето покажува дека количината на микропластика во оваа зона, во споредба со ’70-тите години на минатиот век, е зголемена трикратно.
Сепак, три четвртини од вкупниот отпад во таа зона отпаѓаат на поголеми пластични парчиња, а од нив речиси половина се рибарски мрежи.
Што се однесува до тоа колку вкупно пластика има во морињата и океаните, никој не знае. Најважното што новово истражување го покажува е размерот на проблемот.