Цел на израелскиот напад во јужен Бејрут бил Ибрахим Акил, оперативен командант на Хезболах, за кој израелската војска потврди дека е убиен заедно со неговите соработници
Најмалку 12 лица се загинати, а 66 се повредени по денешниот израелски напад врз Бејрут, соопшти либанското Министерство за здравство.
Според информациите, девет од повредените лица се во критична состојба.
Нападот, според пишувањата на „Тајмс од Израел“ се случил во предградието Дахија, за кое Израел тврди дека е упориште на милитантната група Хезболах.
„Нападнатата област е полна со продавници и пазари, таму живеат многу луѓе. Тоа е област контролирана од Хезболах кои имаат свои контролни пунктови. Тие ги користат за да следат кој влегува и излегува“,
пренесува „Скај њуз“.
Цел на израелскиот напад во јужен Бејрут бил Ибрахим Акил, оперативен командант на Хезболах, пренесува Си-ен-ен повикувајќи се на либански безбедносен извор.
Подоцна израелската војска објави дека го убила Акил.
„Го елиминиравме Ибрахим Акил, шефот на оперативниот систем на Хезболах, вистинскиот командант на единицата. Акил и неговите соработници кои беа елиминирани беа меѓу планерите на планот на Хезболах за напад на Галилеја, чија цел беше да ги нападне градовите и да убива цивили на начин сличен на она што го изврши терористичкиот Хамас на 7 октомври“,
се вели во соопштението.
Началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-полковник Херзи Халеви, по атентатот на високиот командант на Хезболах, Ибрахим Акил во Либан, вети дека војската ќе стигне до секој што им се заканува на израелските цивили.
„Командантите на Хезболах што ги елиминиравме денеска со години планираа „7 октомври“ на северната граница. Стигнавме до нив и ќе стигнеме до секој кој ја загрозува безбедноста на граѓаните на државата Израел“,
вели Халеви во изјава објавена од ИДФ.
Претходно денеска, Хезболах лансираше 150 ракети во правец на северен Израел, објавувајќи дека со ракети гаѓал повеќе воени локации долж границата, вклучително и неколку бази за противвоздушна одбрана и штаб на израелска оклопна бригада, за која тврдеше дека е првата погодена цел.
Новата размена на оган доаѓа по серијата експлозии на комуникациски уреди во вторникот и средата, при што загинаа најмалку 37 лица, меѓу кои две деца, а повеќе од 3 000 беа ранети во Либан.