Најново од братска Бугарија: „Македонизмот е расистичка теорија, треба да го сведеме на минимум во Северна Македонија“

„Притисокот врз Софија по прашањето со Северна Македонија е премногу голем и во последните години бугарската дипломатија потклекна под притисокот на важните фактори од Запад… Многу е веројатно новата администрација на Белата куќа исто така да изврши притисок врз нас, а ние нема да можеме адекватно да одговориме“, изјави бугарскиот историчар Воин Божинов, во емисијата “12 + 3” за Бугарското национално радио (БНР).

Според него, големиот проблем со кој се соочува бугарската влада е „одбрана на бугарскиот национален идентитет против една идеологија која станува сѐ поагресивна“:

„Македонизмот бара и европска легитимитет. Го допуштиме ли тоа, враќање назад нема…“, алармира Божинов, кој е професор на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН), а воедно и автор на книга насловена „Република Македонија во современата геополитика“.

„Фактот што некои држави во моментов молчат, не означува дека бугарската позиција не се слуша, секој ги следи своите интереси. Но, официјален Берлин ќе продолжи со својата позиција, што ќе ја исправи Бугарија пред тежок избор, а ние покажуваме дека не можеме да си ја одржиме позицијата“, коментира тој, објаснувајќи ја, според него, таа непријатна позиција:

„Ние сме во многу деликатна ситуација. Грција на прекрасен начин си ги изми рацете со Преспанскиот договор, а пред европската јавност ние сме основниот виновник за забавувањето на евроинтеграциските процеси на Западен Балкан. Нашата цел е да го намалиме до минимум влијанието на македонизмот во Северна Македонија… Македонизмот е расистичка теорија“, изјави Божинов.

Од друга страна, според него, радува фактот што бугарското општество стои зад политичката елита во Бугарија по прашањето за Северна Македонија. Притоа, тој алудира на анкетата на „Алфа рисрч“, порачана од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, а која покажа дека 84% од Бугарите се на ставот дека Бугарија треба да продолжи да нѐ блокира сѐ додека не бидат прифатени бугарските барања. Од објавувањето на ова истражување на јавното мислење во Бугарија, практично целиот државен врв ги посочува резултатите од анкетата како потврда дека во Бугарија постои широк национален консензус по прашањето со Македонија.

- Реклама -