Најстудено утро на Попова Шапка и Маврови Анови

Најстудено утро на Попова Шапка и Маврови Анови

Утрово најниски температури се измерени во Попова Шапка и Маврови Анови, каде што температурите паднаа на -2 степени Целзиусови. Најтопло е во Гевгелија со 5 степени. Во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе температурите се спуштија на -1 степен, во Виница е измерена 0, додека во Берово е 1 степен. Температура од 2 степени е забележана во Тетово, Охрид, Претор, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци и Прилеп. Во Скопје-Петровец, Битола, Велес и Штип е измерена температура од 3 степени, а во Демир Капија и Струмица 4 степени.

Според најновите мерења, висината на снежната покривка во 07:00 часот е 31 сантиметар на Попова Шапка и 9 сантиметри во Маврови Анови.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во претпладневните часови, по одделни котлини има услови за појава на магла, додека кон крајот на денот се очекува локална појава на повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.

Максималните дневни температури ќе се движат во интервал од 7 до 12 степени. Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб северен ветер. Очекуваната максимална температура ќе достигне 10 степени.

Дополнително, според метеоролозите, во текот на следните денови се очекува благ пораст на температурите, но со можност за повремени врнежи од дожд, особено во западните делови на земјата.