Најверојатниот причинител на сообраќајната несреќа во која трагично загинаа Жота и Силва

Трагедија во Шпанија: Загинаа Диого Жота и неговиот брат

Првичните наоди од истрагата за сообраќајната несреќа во која загинаа фудбалерот на Ливерпул, Диого Жота, и неговиот брат Андре Силва, укажуваат на „висока брзина“ на возилото, соопштија денеска од шпанската Цивилна гарда.

Иако вештачењето сè уште продолжува, истражителите планираат да ги анализираат „трагите оставени од едното тркало на возилото“. Се чини дека брзината во моментот на несреќата била значително над дозволената.

Според прелиминарните информации, Диого Жота бил зад управувачот кога несреќата се случила во ноќта помеѓу 2 и 3 јули, на автопат во покраината Замора, во северозападна Шпанија.

Дваесетиосумгодишниот Жота и неговиот три години помлад брат Андре, кој играше за португалскиот клуб Пенафиел, загинаа на самото место пред пристигнувањето на итната помош.

Нивното возило, луксузен „Ламборџини Хуракан“, кое било изнајмено, излетало од патот и се запалило, соопштила Цивилната гарда.

Десет дена пред трагедијата, Жота се оженил со својата долгогодишна партнерка, со која имал три деца.

Диого Жота и Андре Силва беа погребани во саботата во нивниот роден град Гондомар, недалеку од Порто.