Според него, откако ќе се види во каква состојба се другите модуларните болници, тие објекти не треба да се фрлаат, туку некои од нив повторно да се стават во функција, таму каде што е потребно
Прво треба да добиеме информација во каква состојба се сите модуларни болници, па потоа да видиме дали некои од нив ќе можат повторно да се стават во употреба, односно да се искористат, не само за здравствените установи, туку и за другите јавни институции. Ова денеска го рече министерот за здравство Арбен Таравари откако вчера најави дека модуларната болница што се наоѓа кај Инфективната клиника во Скопје би можела да биде пренесена во кругот на затворот „Идризово“, каде што има потреба од амбуланта.
„Веќе кажавме дека за модуларната болница што се наоѓа во кругот на Инфективна има интерес од затворот во Идризово, каде што треба да се реновира болницата. Во таа насока, размислуваме да донесеме одлука на Влада да се земе и да се стави таму комплетно модуларната болница. Да не се трошат пари за реновирање на тамошната амбуланта. Така, модуларната од Инфективна таму би служела како амбуланта, и општа и стоматолошка“,
вели министерот.
Според него, откако ќе се види во каква состојба се другите модуларните болници, тие објекти не треба да се фрлаат, туку некои од нив повторно да се стават во функција, таму каде што е потребно, но, како што рече, и не само како амбуланти.
„Се надевам дека тие објекти можат да се користат и за други намени, што би биле од интерес и за други јавни институции. Тие можат да се распределат и за користење на други установи“,
рече тој.
Модуларните болници се градеа за време на ковид-пандемијата, како дополнителни објекти за сместување на ковид-пациентите. Тогаш 16 града добија модуларни болници, кои беа поставени во рамките на постоечките здравствени објекти.