Сѐ уште не може да стане збор за некаков напредок и тешко дека ќе има решение до одлуката на Советот за општи работи на ЕУ на 8 декември, велат за бугарскиот „Медијапул“ бугарски дипломатски извори, прашани за изјавата на премиерот Зоран Заев дека „не сме многу далеку од договор со Бугарија“.
Од друга страна, пренесува бугарскиот портал, Софија очекува Берлин – чие ротирачко претседателство со Унијата завршува на крајот на годинава, заедно со Европската комисија, да извршат притисок врз Скопје да ги прифати бугарските барања. Таквите очекувања, велат дипломатските извори, се темелат на тоа што досега очекувања европските центри имале само од Бугарија, што пак, ги охрабрило Македонците да одбијат да преговараат и довело до ќорсокак.
Од друга страна, бугарското вето за преговарачката рамка за Северна Македонија има голема поддршка меѓу бугарските граѓани, па евентуалната ревизија на позицијата на Бугарија станува сѐ потешка од политичка гледна точка, констатира порталот.