Нашите тела се музеј: Шест фасцинантни еволуциски остатоци кои веќе не ни користат

Дорса Амир е еволуциски антрополог и си ја обожава работата. Таа редовно споделува научна содржина на Твитер, а последните неколку нејзини поста се посебно фасцинантни. Се однесуваат на „еволуциската оставштина“ која во разни форми сé уште постои во нашите тела, иако нема никаква конкретна улога.

„Мојот интерес и моето истражување се вкоренети во длабоката љубопитност околу тоа кои сме ние како вид“, вели за Bored Panda. „Мислам дека сме фасцинантни организми, од повеќе причини. Еден од најинтересните аспекти на нашата приказна е тоа што ние сме примати кои цел милениум еволуирале за живот во дивина и трагање по храна, а еве не, по некои 10.000 години, неверојатно преминавме од тој свет во свет на супермаркети и вселенски бродови. Пофантастично е и од научна фантастика. Јас имав исклучителна среќа да ја претворам оваа моја љубопитност во кариера, истражувајќи кои сме, од каде сме дошле, и како нашата брзо менлива околина и побавно менливите гени функционираат (или не функционираат баш најдобро) во денешницата. Тоа е една од најдобрите професии во светот“, вели Амир.

Што се однесува до еволуциските особини, таа објаснува вака: За една особина целосно да исчезне, обично треба да постои активна селекција против таа особина. Со други зборови, таа особина треба да биде доволно штетна што негативно ќе влијае на способноста на видот за преживување и репродукција. Ако не е таква, тогаш едноставно се провлекува уште долго време откако ќе престане да биде корисна.

Со оглед дека против особиниве набројани во продолжение се чини дека нема активна селекција, Амир смета дека во догледна иднина нема да исчезнат. На пример, ако имате мускул во раката што не ја афектира успешноста на преживувањето или репродуцирањето, тогаш едноставно ќе си остане таму уште некое време.

„Природната селекција не е систем кој се стреми кон перфектна ефикасност, а нашиот технолошки и медицински напредок драстично ја ослабеа силата на селекцијата. Така, на пример, многу нешта што во минатото значеле смртна опаност, како грип или дијабетес тип 1, сега се третираат и не ви ја намалуваат успешноста во тоа да преживеете или да имате деца“, објаснува научничката.

Меѓу главните цели на Амир е да покаже дека еволуцијата не е само поглавје во биологијата или фосил во некаков музеј. Таа е суштински дел од тоа што сме. Истовремено, нашите тела воедно се и токму тоа – природно-историски музеј, порачува Амир.

Па, да ѕирнеме дел од „експонатите“:

1. Ја имате оваа жила?

Ставете ја раката на рамна површина и допрете го малиот прст со палецот. Гледате ли подигната жила кај зглобот? Тоа е вестигијален мускул наречен palmarus longus. Порано ни помагал да се движиме по дрвјата. Околу 14% од луѓето денес го немаат овој мускул, објаснува Амир.

2. Немаме шпицести уши, ама…

Го гледате овој мал „израсток“, оваа нерамнина на увото? Се вика Дарвинов туберкул, а во минатото ни помагал да ги движиме ушите. Сега, кога имаме развиено супер-флексибилни вратови, овие веќе не ни се потребни.

3. ‘Рбетна опашка

Еве еден поочигледен: опашката на ‘рбетот. Таа е блед потсетник на нашите изгубени опашки, кои ни биле корисни за движење и баланс по дрвјата. Уште ни растат опашки кога сме ембриони, но во следните недели од развојот ние ги напаѓаме и се ослободуваме од нив, објаснува Амир.

4. Трет капак

Се прашувате што е ова мало розево нешто во вашето око? Се вика plica semilunaris и порано претставувала трет очен капак кој трепкал хоризонтално. Ден денес го имаат многу други животни.

5. Накострешување на влакната

Знаете како некогаш се наежувате кога ви е студено или сте исплашени? Тоа е вестигијален рефлекс кој бил заслужен за кревање на влакната, со што се постигнувало да изгледаме поголеми и пострашни (соочени со други животни), или пак да се зароби дополнителна топлина. Некои луѓе и денес можат намерно да ги накострешат влакната.

6. Палмарен рефлекс

 

 

Друг кул остаток од еволуцијата е палмарниот рефлекс. Ако го ставите прстот во дланката (или на стапалото!) на бебе, тоа рефлексно ќе се обиде да го зграпчи. Бебињата на прастарите примати го користеле овој рефлекс за да се „закачат“ на нивните родители при транспорт.

PS. Остаток се и умниците, ама не се бескорисни. Остаток е и слепото црево, но поновите истражувања покажуваат дека и тоа има примена – како резервоар на корисни бактерии, според една од теориите. Машките брадавици исто така немаат функција, но тие се дел од ембрионалниот развој и не можат баш да се наречат вестигијални (т.е. рудиментарни, остатоци од некој орган кој бил функционален).

PPS. Ако ви се читаат уште фасцинантни нешта за човечкото тело, ѕирнете ова: СЕДУМТЕ НАЈГОЛЕМИ МИСТЕРИИ НА ЧОВЕКОВОТО ТЕЛО

Седумте најголеми мистерии на човековото тело

- Реклама -