Наскоро во продавницата до вас: Бургери од лабораториско месо по цена од 9 евра

Месо од лабораторија првпат беше понудено пред 6 години, во форма на бургер со цена од 250.000 евра. Веќе за две години, производителите очекуваат да стигне и на полиците во форма на продукт за масовна потрошувачка, по цена од само 9 евра, пренесува Ruters, повикувајќи се на компаниите кои ја развиваат оваа храна, т.е. технологија.

За таканареченото „чисто месо“ веќе има интерес кај потрошувачите кои се загрижени околу климатските промени, но и животните и здравиот живот. Доказ за тоа е и што бројот на новоосновани компании во оваа гранка порасна од 4 кон крајот на 2016 година – на повеќе од 24 компании две години подоцна, во 2018, според податоците на организацијата за истражување на пазарот Good Food Institute.

И алтернативите со растителното месо се во подем. Вредноста на акциите на „Beyond Meat“, на пример, трикратно порасна од првата јавна понуда во мај па наваму. И „Beyond Meat“ and „Impossible Foods“ продаваат 100% растителни месни алтернативи до продавачите и рестораните за брза храна ширум САД.

И времето на месото одгледано од животински клетки наближува со брзо темпо. Производителите ја усовршуваат технологијата, ги намалуваат трошоците за производство и наскоро ќе побараат одобренија за продажба на пазарот.

ЦЕНА И ИСПЛАТЛИВОСТ

Холанѓанинот Марк Пост – коосновач на компанијата „Mosa Meat“, е човекот што во 2013-та прв го одгледа говедскиот хамбургер од 250.000 евра. Во кофинансирањето учествуваше и коосновачот на Google – Сергеј Брин. Како што известуваат „Mosa Meat“ и шпанската „Biotech Meats“, трошоците за одгледување на лабораториско месо оттогаш се драстично намалени.

„Првиот бургер во 2013-та беше така скап затоа што се работеше за нова наука и произведувавме мали количини. Штом обемот на производство се зголеми, проценуваме дека цената на бургерите ќе биде околу 9 евра“, вели портпаролката на „Mosa Meat“, додавајќи дека со тек на време тој бургер ќе биде и поевтин од конвенционалниот.

Коосновачката на „Biotech Meats“ – Мерцедес Вилја, ја истакнува важноста на тоа лабораториското месо да премине од лабораторија во фабрика: „Нашата цел е да дојдеме до комерцијални производи и да добиеме одобрување од регулаторите до 2021 година“. Според неа, денеска цената на производство на килограм лабораториско месо е околу 100 евра, за разлика од пред една година, кога чинеше 750 евра, според израелската компанија „Future Meats Technologies“, фундирана од американската „Tyson Foods“.

Biotech Meats, Mosa Meat и уште неколку компании сè уште немаат побарано одобрување од ЕУ регулаторите, бидејќи сè уште работат на понатамошно подобрување на серумот за раст на месото. За да се произведе лабораториско месо, се земаат матични клетки од мускулите на животното, кои потоа се ставаат во биореактор кој поттикнува раст на влакната на мускулното ткиво, сличен на оние кои се користат за ферментација на пиво или јогурт.

ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ (?)

Поддржувачите на новата технологија тврдат дека лабораториското месо е единствениот еколошки одржлив начин за да се задоволи побарувачката за месо, за која Организацијата за храна и агрикултура при Обединетите нации проценува дека ќе се дуплира во периодот од 2000 до 2050 година.

Сепак, има и такви како Џон Линч – истражувач на животната средина на универзитетот во Оксфорд, кој е скептичен околу „еколошкиот“ аспект на лабораториското месо. Тој вели дека сè уште е нејасно дали лабораториското одгледување на месото, кога ќе достигне голем обем, може навистина да ја конвертира енергијата и нутриентите во месото поефикасно отколку конвенционалното производство на месо.

„Некои студии сугерираат дека лабораториското месо може да бара помалку хранливи извори отколку конвенционалното сточарство, но да бара повеќе енергија. Во таков случај, импактот врз климата ќе зависи од тоа од каде доаѓа таа енергија“, вели тој.

- Реклама -