НАТО се обидува да ги испегла несогласувањата околу членство на Украина во блокот

Министрите за надворешни работи на НАТО ќе се обидат да ги намалат разликите околу можното членство на Украина во алијансата на состанокот во Осло оваа недела, јавија западни медиуми кои укажуваат дека сојузниците се во несогласување околу повиците за приклучување на Киев на нивниот самит во јули.

НАТО не се согласи со барањето на Украина за брзо членство, бидејќи некои земји како САД и Германија се претпазливи за чекорите за кои стравуваат дека може да ја доближат Алијансата до војна со Русија. Сепак, и Киев и некои од неговите најблиски сојузници во Источна Европа бараат НАТО барем да преземе конкретни чекори за приближување на Украина до членството во алијансата на самитот во Вилнус, Литванија, на 11 и 12 јули.

„Би било многу тажно ако некој некако може да го види исходот од самитот во Вилнус како победа на Русија во обидот да ја спречи Украина еден ден да влезе во НАТО“, рече литванската премиерка Ингрида Шимоните.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Минатата недела генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека е јасно дека Украина нема да може да се приклучи на алијансата додека трае војната против Русија.

„Да се ​​стане членка среде војна не е на дневен ред“, рече тој. „Прашањето е што ќе се случи кога војната ќе заврши“, додаде Столтенберг.

На нивниот самит во Букурешт во 2008 година, сојузниците се согласија Украина еден ден да се приклучи на НАТО. Од тогаш, сепак, нема конкретен распоред за тоа.

На маргините на средбата во Осло утре и задутре, министрите за надворешни работи се очекува да ја допрат темата за барање нов генерален секретар на НАТО, бидејќи Столтенберг треба да се повлече од функцијата во септември.

МИА

- Реклама -