Коските ги сметаме за нешто што е структурно доста цврсто, особено нивниот тврд надворешен слој наречен кортикална коска. Сепак, научниците тукушто открија досега непознати „премини“ кои минуваат низ коските, а ги има и кај луѓето и кај животните.
Во новото истражување, научници од Германија открија претходно недетектирана мрежа од фини крвни садови кои се однесуваат како таен тунелски систем во внатрешноста на коската, помагајќи им на крвните и имуните клетки да се шират поефикасно и побрзо низ телото.
„Навистина е неочекувано да можете да најдете нова и централна анатомска структура која досега не била опишана во ниту еден учебник во 21 век“, објаснува молекуларниот имунолог Матијас Гунцер од Универзитетот во Дуизбург-Есен.
Овие мали канали, наречени „транс-кортикални садови“ (trans-cortical vessels, т.е. TCVs), можеби се нови за науката, но помагаат да се објасни како тоа функционирале првите инфузии со лекови за итни случаи кои биле давани на бојното поле за да се оживеат ранетите војници. Во таквите услови воените лекари не секогаш имаат време или можност да ги најдат вените за да вбризгаат лек, па често ги инектираат лековите директно во коскената срж.
„И покрај акумулираните докази за присуство на комплексен крвен систем во коските, молекуларните механизми и анатомијата зад овие брзи протоци на клетки и течности од коскената срцевина во крвотокот досега остануваа мистерија“, се објаснува во извештајот.
Сега, со новооткриените крвни садови, тој систем излегува на виделина.
Гунцер го открил пред неколку години, сосема случајно, кога додека проучувал флуоросцентни крвни клетки кај глувци, под микроскопот му се причинило дека тие минуваат низ нешто низ што не би требало – цврста коска. Со оглед дека не успеал да најде ништо на таа тема во научната и медицинската литература, Гунцер решил да направи свое истражување.
Користејќи хемикалија наречена етил цинамат, Гунцер успеал ножните коски од глувци да ги направи проѕирни. Потоа, користејќи комбинација од светлосно флуоросцентна (LSFM) и рентгенска микроскопија, тој и неговите соработници откриле стотици од овие мали TCV крвни садови кои минувале низ кортикалниот слој од коските на глувците.
Експериментот покажал дека тибија (најголемата потколенична коска, ака. Голема писка) кај глушец може да содржи повеќе од 1.000 од овие мали капилари. И не само тоа, туку 80% од артериската и 59% од венската крв минувала низ овие канали – што е многу голем проток на крв како за орган кој досега ни беше целосно непознат.
Кога тимот направил сличен експеримент на тибија од човечка нога (доброволецот бил Гунцер лично), нашле докази за постоењето на истиот тип на TCV структури, со тоа што овде биле многу подебели. Се очекува идните истражувања да ја покажат нивната точна функција.
„Лудо е што сé уште има нешто за откривање во човечката анатомија. Откривме крвни садови во ново место за кое претходно не знаевме“, вели Гунцер за New Scientist.
За волја на вистината, откритието немаше да биде можно без напредокот во медицинската imaging технологија, но и без тоа научниците се мошне изненадени. Што се однесува до апликациите, може да ги има еден куп – од истражувања и третман на восплителни болести и повреди на ткиво, па до продлабочено разбирање на крвотокот.
Истражувањето е објавено во Nature Metabolism.