Навивачите на Баерн го бојкотираат натпреварот против Шахтјор


Навивачите на Баерн Минхен масовно ги откажуваат резервираните влезници за натпреварот од Лигата на шампионите против украинскиот претставник Шахтјор чиј матичен дом инаку е Доњецк на 10-ти декември во Гелзенкирхен во знак на протест против превисоките цени.

Германската новинска агенција dpa објави дека барањата за влезнии паднале од првичните 55.000 на 19.000.

Навивачката група на Баерн препознатлива како Sudkurve повика на бојкот поради несразмерното зголемување на цените во однос на другите домашни натпревари на Шахтјор Доњецк во Лигата на шампионите.

Така, навивачите на Баерн за место на стадионот ќе треба да платат 105 евра, додека навивачите на Аталанта само 28, а навивачите на швајцарскиот клуб Јанг Бојс 31 евро.

„Голем дел од навивачите на Баерн нема да присуствуваат на гостувањето кај Шахтјор Доњецк. Сите да се залагаме за чесни цени“, велат навивачите.

Цените што ги наплаќа Шахтјор ја надминуваат горната граница од 60 евра за гостинските навивачи во Лигата на шампионите, која УЕФА ја објави во септември за оваа сезона. Горната граница треба дополнително да се намали на 50 евра од 2025 година.

Во исто време од Баерн изјавија дека не можат да влијаат на цената на Шахтјор.

- Реклама -