Кошаркарите на Мајами поведоа со 2:0 во финалната серија на Истокот, откако на вториот дуел дури по продолжението славеа против Бостон Селтикс со 115:111.
„Жешките“ успеаја да се вратат од негатива од 15 поени, направија целосен резултатски пресврт и стигнаа до удобна предност од 2:0 пред двете гостувања во Бостон во следните денови.
„Ова беше еден од најинтересните натпревари на кои што имам играно во кариерата, без оглед дали сум победил или загубил. Темпото беше неверојатно, желбата за триумф кај двата тима на највисоко ниво. Навистина сме среќни што победивме, бидејќи ова е уште еден чекор напред за нас во трката за титулата“ изјави искусниот Шејн Батие од таборот на Мајами.
Леброн Џејмс беше предводникот на победата на Мајами со 34 поени, десет скока и седум асистенции, додека 23 поени запиша Двејн Вејд. Рејџон Рондо одигра неверојатен меч за Бостон, реализирајќи 44 поени, сите 12 за својот тим во дополнителните пет минути, но Селтикс сепак не успеаја да стигнат до толку посакуваниот триумф во Мајами. Пол Пирс беше втор стрелец на Бостон со 21 поен, три повеќе од Кевин Гарнет.
Во исто време, Сан Антонио води со идентични 2:0 во западното финале против Њу Орлеанс. Доколку се задржи тенденција во обата дуела, се чини дека на повидок е финалето Мајами – Сан Антонио или младите против постарите НБА ѕвезди.
Објавено во соработка со Екипа.