НБА лига: Милвоки конечно славеше, победа на Минесота


По дури шест порази во низа, конечно кошаркарите на Милвоки Бакс впишаа победа ноќта кон петок ја совлада Јута Џез во НБА лигата со 123:100.

Милвоки ја оствари само втората победа сезонава, додека Јута е најслабиот тим во целата лига, сега со скор од 1-7. Милвоки заостануваше на полувремето, но третата четвртина и 31:16 во тие 12 минути му беше доволна за да се обезбеди победата.

Демијан Лилард и Јанис Адетокумбо искомбинираа повеќе од половина поени на победничката екипа, Лилард постигна 34 со седум асистенции и четири скока, а Адетокумбо имаше 31 со 16 скока. Покрај незапирливиот домашен тандем, кај Милвоки задоволи и Боби Портис, кој постигна 19 поени со шест скока од клупата.

Кај гостите најдобар беше Џордан Кларксон со 18 поени, додека Колин Секстон додаде 14 со седум скока.

Минесота го совлада Чикаго со 135:119 на гостински терен завршувајќи одлична работа во последната четвртина. Во неа Минесота постигна дури 45 поени, односно дури 21 поен повеќе од ривалот.

Сите играчи од првата петорка на Минесота постигнаа двоцифрен број поени, а најдобар беше Ентони Едвардс со 33 поени, на кои додаде шест асистенции и осум скока. Џулиус Рендл постигна 22 поени со 10 скока, а Руди Гоберт 21 поен со девет скока. Кај Чикаго предничеа Никола Вучевиќ со 25 поени и Коби Вајт, кој постигна 24 поени.

Во дербито на задниот дел од Западната конференција, Сан Антонио Спарс како домаќини беа подобри од Портланд Трејл Блејзерс со 118:105. Келдон Џонсон и Малаки Бранам постигнаа 17 поени за Спарс, додека Виктор Вембањама постигна 12 поени со осум скока, четири украдени топки и три блокади. Деандре Ејтон и Џерами Грант постигнаа по 21 поен за Портланд.

- Реклама -