Ако си ја видел сликава, знаеш дека претставува млазен авион кој ја пробива звучната бариера. Или подобро речено, мислиш дека знаеш.
Со години, сите мислевме дека се работи токму за пробивање на звучната бариера, а токму тоа и беше причината што фотографијата доби низа меѓународни награди и признанија. Ама таквото објаснување, всушност, не е она погодното за тоа што се случува на сликата.
Фотографијата беше направена од Џон Геј, од делот од американската морнарица стационирана на носачот USS Constellation, близу брегот на Јужна Кореја, во 1999 година. Фотографот знаел дека уловил нешто специјално уште кога завршил со фото-сесијата, но бидејќи зборуваме за ’99-та, морал прво да го развие филмот. А тогаш, знаел дека го има победникот.
Геј прво ја испратил фотографијата до шефот за информации, за да биде објавена во една интерна публикација на морнарицата. Оттаму, додека Геј е сé уште на море, фотографијата почнува да добива на популарност. Ја преземаат Sports Illustrated и Life, а овие првиве ја испраќаат на конкурсот за World Press Photo Awards, каде што фотографијата ќе добие прва награда. За сето време, речиси секаде каде што ќе се појави сликата, под неа стои поднаслов дека е од млазен авион што ја пробива звучната бариера.
Сепак, како што напоменавме, тоа не е точно. Да, авионот патува со суперсонична брзина (побрзо од звукот), но на фотографијата се работи за нешто друго – за фасцинантен феномен наречен флоу-индуцирана вапоризација.
Ваквата вапоризација се случува кога авион со одредена форма патува со доволно голема брзина низ влажен воздух. Воздухот тече околу телото на авионот и наидува на ударен бран (shockwave) што го зголемува притисокот и температурата на воздухот. Потоа, додека воздухот поминува преку одредена точка на крилата на авионот, наидува на експанзивен бран, кој предизвикува притисокот и температурата нагло да опаднат. Конечно, кога воздухот ќе стигне до задниот дел на авионот, наидува на уште еден ударен бран, предизвикувајќи притисокот и температурата повторно нагло да се зголемат.
Кога воздухот е доволно влажен, експанзивниот бран на крилата предизвикува формирање на еден вид на облак од пареа, како тој на фотографијата. Потоа, вториот ударен бран на задниот дел прави тој облак од пареа истантно да исчезне.
Условите мора да се максимално совршени, а тајмингот на фотограферот – максимално прецизен. Следствено, „флоу-индуцирана вапоризација“ не звучи така секси како „соничен бум“, но всушност фотографирањето на првото е уште поимпресивно достигнување. Фотографијата на Геј не прикажува пробивање на звучната бариера – уште подобро, прикажува редок, извонреден феномен кој само малку луѓе имале прилика да го видат, а не па да го фотографираат.