Негативните последици од фрлањето сол по улиците

Според најцитираната студија на темата, фрлањето сол на патиштата може да ги намали сообраќајните несреќи дури за 85% за време или по врнежи од снег. Од друга страна, многумина не се свесни за скриените опасности од таквата пракса.

Дел од проблемот е што во денешно време имаме голем вишок од количини на сол. Сепак, нерафинираната „патна сол“ исто така содржи и некои „нечистотии“ кои ги нема во кујнската варијанта. Освен разните метали и минерали, оваа сол често содржи и дополнителни хемиски адитиви како натриум фероцијанид – агенс што спречува здрутчување. Со топењето на снегот и со дождовните врнежи, сите овие додатоци потоа завршуваат во езерата, реките и изворите. Дури и чистата сол не е многу пријателски настроена кон животната околина, бидејќи ја зголемува соленоста на локалните води, потенцијално правејќи ги токсични за живиот свет.

Со други зборови, посипувањето сол на улиците е чин со кој се жртвува долгорочното здравје во име на краткорочна безбедност на патиштата. И покрај тоа, градовите и земјите со тенок буџет и натаму користат сол за чистење на патиштата, бидејќи најчесто е најевтината и најдостапната варијанта. Во меѓувреме се јавуваат разни алтернативни одмрзнувачи, кои нудат баланс меѓу јавната безбедност и еколошкото здравје.

Како работи 

Целата сол доаѓа од морињата, или од преисториските што пресушиле, или од постоечките – со екстрахирање на солта од нивната вода. Оваа втората е позната како морска сол, и денес е најпроизведуваниот тип на сол. Сепак, во добар дел од земјите што немаат пристап до солена вода, солта доаѓа од рудниците, каде древните океани оставиле дебели депозити од камена сол а.к.а. „халит“. Било како, најголем дел од солта завршува на улиците, а многу помалку во исхраната; во САД две-третини се фрлаат на патиштата, другата се користи за омекнување на вода, во хемиската индустрија и во агрикултурата, а само 6% се користат во кујната и исхраната. И во случај да ви светне таква луда идеја, не, не е безбедно да се јаде солта што се фрла против снегот.

Снегот е добар одмрзнувач бидејќи ја снижува точката на замрзнување на водата, овозможувајќи ѝ да остане во течна состојба и на пониски температури. Освен антифриз способностите, корисна е и заради нејзините големи гранули, кои овозможуваат дополнително триење меѓу гумите на возилата и замрзнатите површини.

Но нерафинираноста на патната сол значи и некои екстра метали, како жива и арсен, или минерали како калциум и магнезиум. Често содржи и адитиви кои спречуваат згрутчување, или корозивни инхибитори кои ја спречуваат да ги оштети челичните и бетонските површини.

Проблемот 

Но најголемиот проблем со ваквата борба против снегот и мразот на патиштата е самата сол, која како и во исхраната, е „меч со две острици“. За да биде ефикасна, на секој квадратен метар замрзнато или завеано тло, потребни се 100 грама сол. Тоа значи дека секоја зима по градовите се посипуваат огромни количини. А не треба многу фантазија за да предвидиме кои би можеле да бидат мааните на така големите количини сол во нашата околина. Солта им штети на стеблата, растенијата, ги нагризува фасадите на зградите, мостовите, автомобилите, итн… Сепак, полошо е што откако улиците ќе се исперат, целата таа огромна количина сол оди во почвата, а во најлошите случаи стигнува и до подземните води, реките и езерата.

Измиената сол од патиштата ја зголемува соленоста на локалните води истовремено редуцирајќи го ослободениот кислород, и со тоа создавајќи страни услови кои локалниот жив свет често не може да ги поднесе. Рибите можат да избегаат или да изумрат, а водоземците се особено изложени на ризик заради нивната мембранска кожа (која пропушта гасови и течности). Натриум фероцијанидот исто така се разложува под дневна светлина и киселост, ослободувајќи токсични гасови како хидроген цијанид, кој се поврзува со многу случаи на изумирање на риби. Дури и кога солта останува во вирчиња на патиштата околу кои циркулираат диви животни, може да служи како мамка што ќе ги доведе на патиштата, загрозувајќи ја така и нивната, и безбедноста на возачите – некои цицачи се потпираат на лижење на солта во природата за да ги задоволат своите потреби за сол.

Од истите причини заради кои солената почва се смета за неплодна, измиената сол од патиштата може да го збрише растителниот свет во близина. Тоа е така зашто како што знае секој што користел мокар соларник, солта ненаситно впива вода – и кога ќе заврши во почвата, ја апсорбира влагата многу побрзо пред до неа да се дофатат растенијата. Така солта формира услови на суша, дури и кога има доста вода околу растенијата. Јоните на натриум хлоридот исто така се разложуваат во вода, оставајќи го хлоридот да биде лесно апсорбиран од корењата на растенијата и транспортиран во нивните листови, каде што се наталожува до токсични нивоа и создава таканаречен leaf scorch.

А кога солените раствори се прскаат директно на растенијата покрај патот, солта може да навлезе во нивните клетки, намалувајќи ја нивната отпорност на студот и зголемувајќи го ризикот од замрзнување.

Солта на патиштата претставува опасност и за луѓето. Вишокот сол не им наштетува на луѓето како на жабите и растенијата, но може да биде за дел од луѓето со висок крвен притисок. За луѓето со хипертензија, дури и малите количини во водата од чешма можат да бидат значително негативни. А солта од патиштата некогаш знае да ги контаминира градските залихи на вода до тој степен што водоводната мрежа мора да биде привремено исклучена. Такви примери има и од градови како Охајо, Њу Џерси и други. Од друга страна, иако натриум фероцијанидот што се додава на патната сол не е високотоксичен сам по себе, може да ослободи токсични цијанидни соединенија кога е изложен на топлина и киселост. Хидроген цијанидот, на пример, исто така се наоѓа во чадот од цигарите, и е познато дека ги парализира клеточните влакна во белите дробови. Хроничната изложеност на цијанид пак, се поврзува со проблеми со бубрезите и црниот дроб, а според некои истражувања, го зголемува и ризикот од канцер. Високите нивоа на натриум пак, се поврзуваат со стомачните канцери кај луѓето.

Притоа последиците знаат да бидат и многу понепосредни, во временска смисла. Тие што имаат кучиња веројатно добро знаат за каква агресивна супстанца зборуваме. Нивните миленици потклинкуваат кога ќе наидат на посолени делови од тлото, а неретко шепите им се разрануваат уште пред да реагираат нивните сопственици. Потоа шепите мораат да им се измиваат со вода, или во полошите случаи, и да ги лекува ветеринар.

Се може ли без сол?

Потребата за сол, од друга страна, значително се намалува ако при паѓање на снегот, улиците навремено се исчистат со машини. Понекогаш во таквите случаи и воопшто нема потреба да се посипува сол.

Свесни за штетите кои ги нанесува, во одредени општини во Германија потполно е забрането да се фрла сол на улиците. Берлин, Хамбург и Минхен апсолутно ја имаат забрането солта на плочниците и сите други површини по кои се движат пешаците. Штутгарт пак, сол допушта исклучиво во случај на врнежи од дожд кој замрзнува при допирот со тлото. Наместо тоа, применуваат песок, чакал, варовник или дрвена пилевина.

Секое од овие средства има понекогаш поголеми, а понекогаш помали предности. Песокот, на пример, е лош кога сé ќе се истопи. Дрвената пилевина, од друга страна, е згодна зашто потоа може да се собере и да се компостира.

Подетално околу алтернативите, тука.

- Реклама -