„Нејшнл интерест“: Црна Гора, Албанија, Словенија и Северна Македонија не се корисни сојузници на НАТО

Вашингтон, 10 јануари 2022 (МИА) – Црна Гора, Албанија, Словенија и Северна Македонија на воен план се земји од мала корист за НАТО и многу од таканаречените сојузници, за САД повеќе се обврска отколку актива, смета Тед Гален Карпентер, виш соработник за одбранбени и надворешнополитички студии во институтот Кејто во Вашингтон.

Во својата анализа објавена синоќа за „Нејшнл интерест“, Карпентер, кој е уредник во изданието, истакнува дека многу од сојузниците за САД се само обврскa и дека од воена гледна точка тие не се од голема корист.

Според него, таквите „мали“ и лесно вооружени „лилипутанци“ се потенцијални стапици кои можат да ги втурнат САД во непотребни воени разврски. Мошне често, сојузниците промовирани од Вашингтон на воен план се слаби и бескорисни штитеници.

Тој ги наведува примерите на Албанија, Словенија, Северна Македонија и Црна Гора на Балканот, како и трите балтички земји Естонија, Латвија и Литванија.

Уште полошо, наведува, „некои од нив се во лоши односи со своите посилни соседи“. Според него, тешко е да се објасни како новите членки на НАТО ја засилуваат моќта и безбедноста на САД.

„Како економски активи нивната важност јавно е ограничена, а во воените односи тие се уште помалку вредни“, истакнува Карпентер.

Начинот како САД ги одбираат своите сојузници и им даваат план за членство во НАТО, тој го споредува со практиката на неселективно и без претходни проверски „трупање Фејсбук пријатели“.

Прочитајте и:  Руте повика на поголема помош за Украина за време на претстојната студена зима

Во анализата, тој наведува некои историски примери за тоа како малите земји можат ненамерно или намерно да ги втурнат своите поголеми спонзори во војна.

Примерот кога Русија се застапила за Србија во втората деценија на минатиот век и атентатот врз австроунгарскиот принц Франц Фердинанд. Убиството на надвојводата довело до разгорување на Првата светска војна и крај на царска Русија. Друг пример е кога грузискиот претседател Михаил Саакашвили погрешно ги протолкувал сигналите од претседател Џорџ Буш помладиот и во август 2008 година наредил напад врз руските миротворци во Јужна Осетија.

„Одговорот од руска страна беше брза офанзива при што речиси цела Грузија беше окупирана од руската армија. Очигледно, Саакашвили читаше погрешно од тогашната администрација на Буш“, пишува Карпентер.

Тогашниот грузиски претседател побарал воена помош од САД за да се справи со руската инвазија. Буш сепак не донел таква одлука, бидејќи тоа би значело директен судир на американски и руски војници. Одговорноста за оваа војна делумно беше и на неговата администрација“, наведува авторот.

Авторот го наведува и актуелното расположение во администрацијата на Бајден за воена помош за Украина и за наводно зачленување на оваа земја и на Грузија во НАТО, што според него би било огромна грешка.

„Нејшнел интерест“ е списание со републикански погледи и излегува два пати месечно. Карпентер има објавено стотици анализи и 12 книги, последната негова книга е насловена „НАТО: Опасниот диносаур“.

- Реклама -