Неколку ситуации во кои на гинеколозите им се спојуваат жичките

Readers Digest ги праша искусните гинеколози што навистина би им порачале на своите пациентки. Овие пак, наведоа пар правила за следење, за општо добро.

Кој би рекол, ама гинеколозите да ти биле свесни дека овие прегледи не им се во топ 10 омилени на жените, и дека на никој не му е баш сеедно кога треба да оди на преглед каде што мора да биде целосно гол (и тоа за почеток). Но имаат поважна работа – најголемиот проблем им е тоа што имаат само неколку минути со пациентката, и тоа време мораат максимално да го искористат за да проверат и направат сé што треба да се провери и направи. Со други зборови, не сакаат да губат време.

Согласно горново, навистина им оди на нерви кога пациентката, а им се случува речиси со сите, ќе им каже:

„Извинете, не сум избричена/депилирана“.

„Нас не нé интересира фризурата. Имаме малку време да се фокусираме на прегледот и стварно не нé загрижува што жените не се мазни. Особено не ако не им се избричени нозете. Ние со тоа немаме никаква врска и тоа стварно е тема на која не би требало да трошиме драгоцено време“.

Баш затоа што не сакаат да губат време, превртуваат очи и заради следниве ситуации:

1. Мразат кога не им одите на преглед затоа што сте добиле. Тоа не е изговор, особено што денешните пап тестови овозможуваат релевантен преглед и за време на менструален циклус.

2. Мразат кога сами си поставувате дијагноза и сами се лечите, веројатно како и секој друг доктор. Секако дека секоја жена си го познава сопственото тело, ама не доволно и кога се работи за секрети. Во ваквите ситуации обично жените се лечат сами по дома, па неретко и ја влошуваат ситуацијата и му отвараат дополнителна работа на гинекологот (лечењето подолго трае).

3. Мразат кога не спомнувате дека пиете вакви или такви лекови. Ако си ќутите под претпоставка дека лекот што го пиете за                         (пополни по желба) нема никаква врска со вашето вагинално здравје, гинеколозите имаат мал милион причини да се лутат. Нема потреба да дообјаснуваме, нели?

4. Кога одите на преглед на секои три години. Не се контролирате редовно и ризикувате рак на грлото на матката? Нормално дека ќе ве мразат. Гинеколозите постојат токму за да го спречат, и секако дека преферираат минимален процент на пациентки со рак на матката. Нема ништо потрагично од тоа вие од негрижа да им се поигрувате со таа бројка, особено што тие – гинеколозите, цело време биле тука и ве чекале.

Ние би додале уште нешто што сигурно ќе се најдеше меѓу најомразените ситуации ако анкетата беше направена меѓу овдешниве гинеколози – 5. Одење на гинеколог со љубоморен маж. Кој сфати – сфати. Кој не сфати – подобро.

 

- Реклама -