Улогата на таткото во животот на детето е многу значајна бидејќи покрај љубовта и емоционалната сигурност, на детето му помага и при когнитивниот и социјалниот развој.
Истражувањата покажале дека татковците имаат многу важна улога во животите на своите деца. Кога татковците се вклучени, тоа има значително влијание врз когнитивниот и социјалниот развој на детето, а покрај тоа обезбедува и добро расположение, мир и самодоверба. Научните студии покажале дека детето што има вклучена фигура на татко покрај себе ќе има и емотивна сигурност и поголема самодоверба.
Ќе издвоиме осум знаци преку кои ќе може да препознаете дали вашето дете има потреба повеќе време да поминува со својот татко.
Секојдневно ве прашува каде е тато
Додека не наполнат една година, малите деца не можат целосно да разберат дека се одвоени од вас и од лицето што ги негува. Како што расте детето, така неговата врска со другите лица, а конкретно со таткото, почнува да се менува. Тоа е поврзано со исчезнувањето на објектите од видокругот и со стравот од одвојување, па полека ќе почне да инсистира да дознае каде е таткото кога не е во близина и да бара таткото да му го направи она што и вие можете, како врзување на врвците или хранење. На овој начин детето ја развива својата самостојност.
Вие сте преоптоварени
Стана нормално и двајцата родители да одат на работа, што значи дека вие, како вработена мајка, се обидувате што подобро да го избалансирате животот дома и на работа. Некогаш ова може да стане исцрпувачки и предизвикува нервоза бидејќи се обидувате да стигнете насекаде и за секого. Ова е сигурен знак дека вашиот партнер треба да пристапи и да помогне. Тоа може да биде помош при воспоставување рутина за легнување навечер, при хранење, станување ноќе кога ќе се разбуди бебето, за да можете вие да се наспиете. Покрај тоа, важно е да се создаде врска меѓу таткото и детето.
Премногу време пред екрани
Ако ви се чини дека вашето дете премногу време гледа телевизија или користи лаптоп, време е да го поттикнете на активност. Според стручњаците, децата на возраст од 2 до 5 години треба да се ограничат на само еден час пред екран. Сепак, се покажува дека просекот кај малите деца е повеќе од три часа дневно. Ако и кај вас е ваков случајот, време е таткото да ја земе топката и со детето да излезе надвор, или да ги земе лего-коцките. Не само што тоа ќе ги поттикне имагинацијата и когнитивните способности кај детето, туку играњето со детето ќе биде и антистрес-терапија и можност за опуштање на таткото.
Вашето дете е безволно и често има испади
Ако таткото не е тука или поминува помалку време со детето од вообичаеното, можно е кај него да се појават моменти на нервоза. Тоа е затоа што бебињата и малите деца ја сакаат рутината, па кога нешто ќе го измести воспоставениот баланс, тоа целосно ги излудува и реагираат како што знаат – со исфрустрираност (и тоа најчесто на вас, мајките). Ако може, вашиот партнер би требало да го приспособи својот распоред и повеќе време да поминува со детето.
Малото дете е премногу внимателно
Научните истражувања покажале дека мајките се многу повнимателни кога се работи за воспитувањето на детето, па ќе охрабруваат внимателно однесување. Кога децата го поминуваат времето со таткото, ќе станат поголеми авантуристи, што ќе им ги развива социјалните вештини, креативноста и приспособливоста. Преку вакво однесување, тие развиваат и способност да преземаат ризик и учат што е безбедно за нив, а што не е.
Вашето дете нема омилена активност со таткото
Работата е во тоа што, сакале-нејќеле, таткото е „забавниот родител“, а тоа го потврдува и науката. Студијата покажала дека времето поминато со таткото е фокусирано на забавата, додека мајките се задолжени за обезбедување благосостојба. Тоа значи дека ако вашето дете не може да каже која активност сака да ја прави со таткото, вашиот партнер треба да го промени својот план за играње со детето.
Малото дете е наметливо… со вас
Како што веќе нагласивме, во одредено време детето ќе стане многу свесно за татковската фигура и ќе сака времето да го поминува со него. Така е затоа што почнува да сфаќа дека постојат и други личности освен вас во неговиот живот. Во секој случај, ако детето стане наметливо и напорно, време е за создавање врска со таткото.
Детето не знае грубо да си игра
Исто како и учењето за безбедност и преземање ризик, грубата игра е потребна алатка во развојот на детето (и кај момчињата и кај девојчињата), која ги регулира однесувањето и реагирањето. Во тоа ќе помогне грубата игра со таткото.
Самохрани мајки, не грижете се
Потребна е волја да се воспитува дете. Ако сте самохрана мајка, не плашете се, позитивната машка улога може да ја преземе и пријател, вујко, дедо – сите што со драго срце би помогнале околу обезбедувањето благосостојба за детето.