Нема договор за минималната плата, Бизнис конфедерацијата бара зголемувањето да биде субвенционирано од државата

Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) – Синдикатите, работодавачите и Владата и денеска не се договорија за зголемувањето на минималната плата. Заеднички е оценето дека постоечкиот модел на усогласување на минималната плата не е добар за ниту една страна. Од Владата најавуваат дека ќе го разгледаат новиот предлог на Бизнис конфедерацијата за да се субвенционира зголемувањето на минималната плата од страна на државата по што следната недела повторно се очекува да продолжат разговорите.

Предлогот на Бизнис конфедерацијата ќе биде разгледан во понеделник на седница на Економскиот совет при Владата.

„Бизнис конфедерацијата која ги застапува микро и малите претпријатија денеска дојде со предлог: ако веќе се прифати било кое зголемување на минималната плата до одредено ниво, тоа да го поддржи Владата. Тие имаа две барања – едното е поддршка на 50 отсто на бруто зголемувањето или поддршка на нето платата која ќе биде зголемена. Ние не бевме спремни за калкулациите бидејќи за сите други модели што претходно беа понудени направивме симулации што тоа ќе значи. Во понеделник имаме Економски совет на кој ќе дискутираме за сѐ што оваа недела се разговараше. Ќе излеземе со анализи какви фискални импликации може да има за Владата предлогот да го покриеме одредено зголемување на минималната плата“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по состанокот во Владата.

Битиќи останува на ставот дека треба да се најде одржливо решение преку консензус меѓу трите социјални партнери.

„Едностраното решение нема да даде резултат. Мораме да продолжиме да дискутираме и да најдеме одржливо решение кое ќе генерира еднаш за секогаш да заборавиме да зборуваме за минимална плата. За жал во нашата држава 13.8 проценти од работниците се приматели на минимална плата, а просекот во Европската унија е три проценти. Ние треба да зборуваме како да го намалиме овој просек“, истакна Битиќи.

Во изјавата за медиумите, Битиќи порача дека работниците ќе добијат одржливо решение кое ќе им гарантира не само годинава највисока минимална плата, туку и следните години.

„Зголемена минимална плата ќе има. Дали ќе биде 18.000 или поголема од 18.000 денари ќе се дефинира на Економско-социјалниот совет“, нагласи Битиќи.

Прочитајте и:  Минималната синдикална кошница за ноември изнесува 62.021 денари, 772 ден. повеќе од октомври

За синдикатите, нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 18.000 денари е најприфатлив. Не се задоволни од односот на работодавачите, а ја охрабрија Владата да застане на нивна страна.

„Очигледно дека работодавачите си гледаат само за нивните фирми, за нивниот капитал. Еден нефер и некоректен однос од страна на работодавачите, а Владата излезе со одлична анализа која кажува дека моделот што го предлага ССМ и останатите синдикати е најприфатлив и опстоен во идните години. Ја охрабрувам Владата цврсто да застане рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што го бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати“, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија – Дарко Димовски.

Работодавачите сметаат дека нивниот модел е најприфатлив. Според нивните пресметки, минималната плата би требало да изнесува нешто над 16.300 денари.

„Нашата проекција предвидува долгорочно поприфатливи услови за сите работници отколку оние што ги дава синдикатот. Како компании работиме на долг рок и сите наши планови ги правиме на долг рок и сметаме дека од денес за утре платите на работниците не вродува со сигурност за нивното работење“, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Јадранка Трајкоска.

Од Министерството за труд и социјална политика излегоа со соопштение по средбата во кое нагласуваат дека социјалниот дијалог продолжува следната недела со цел да се најде најодржливо системско решение.

„Овој предлог бара дополнителна анализа, со цел да се утврдат фискалните импликации кои би го предизвикале предложеното решение. Затоа беше договорено социјалниот дијалог да продолжи следната недела, со цел да се дојде до приближување и изнаоѓање на најодржливото системско решение, кое ќе даде резултат на долг рок“, се наведува во соопштението.

Синдикатите бараат веднаш зголемување на минималната плата од 18.000 денари поради зголемените животни трошоци и енергетската криза.

Остануваат на ставот за генерален штрајк и најавата за собир пред Собранието на 10-ти февруари за кога е закажана пленарна седница на која се ставени предлог измените на Законот за минимална плата, поднесени од Левица.

- Реклама -