Нема конфликт на интереси со одлуката на владата за компанијата во која удел има неговата сопруга, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема конфликт на интереси со владината одлука компанијата, во која удел има неговата сопруга, да дооформи градежна парцела во Радовиш на државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен. Како што образложи и потенцираше Ковачевски, тој е изземен од одлучување и присуство на владина седница доколку се дискутира за правни субјекти наведени во неговиот анкетен лист. Додава и дека уредбата за определување на цените на земјиштето била објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас и членовите на моето семејство тоа што го поседуваме е многу јасно и транспарентно наведено во анкетниот лист што го имам поднесено во ДКСК и таму може точно да се види каде јас имам удел, каде член на моето семејство има удел, пред да стапам на функција. Второ, согласно со тој анкетен лист од моја страна поднесен до ДКСК, јас имам испратено и известување до вицепремиерот за добро владеење и до генералниот секретар на Владата, во којшто нотирам и информирам дека доколку на седница на Влада се дискутира или се одлучува за точки поврзани со правните субјекти наведени во мојот ажуриран анкетен лист објавен на ДКСК на нивниот веб сајт, моето учество треба да се изземе од одлучување и присуство на Владата, за што треба генералниот секретар да ме информира, за што и ме информирал, заради спречување на каков било конфликт на интереси“, изјави Ковачевски.

Додаде дека тоа се однесува секаде каде што функционер кој е дел од Влада или од која било друга институција, има удели, бидејќи, како што кажа, тој лично има свој удел и акции во друга компанија, која што е една од најголемите компании, и исто така во таа компанија не учествува во одлучување по точки за таа компанија.

„Меѓутоа таа како и секоја друга компанија има право врз основа на закони да учествува во правниот промет во државата заедно со сите други правни лица. Што се однесува до овој конкретен случај, прво уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи оваа Влада не носела никаква уредба за определување на цени“, додаде Ковачевски.

Тој посочи и дека Општина Радовиш има преземено надлежности за располагање со градежно земјиште во државна сопственост на 6.12.2012 година (исто така во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ) и во моментов е раководена од градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и таа – Општина Радовиш е онаа која ја  спроведува целата постапка и она што Владата го носи, и одобрува спроведување на постапка со оглед на тоа дека се работи за објект којшто подоцна претставува општ интерес.

„Јас бев обвинуван од страна на опозицијата дека во време на најголема енергетска криза моето семејство односно член на мое семејство поседува удели во компанија која што продава струја. Со ова се потврдува дека член на моето семејство поседува удел пред да станам премиер во компанија која нема изградено централа и не продавала струја по 500 евра мегават час. Таа лага ја демантираме. Второ, она што никој не сака да го каже на утринските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ е дека таа компанија, ако некогаш изгради централа, централата ја прави на приватно земјиште. Ова што овде е пред мене е пристапен пат за да се стигне до таму. Сите законски одредби се запазени на многу транспарентен начин, исто како и за сѐ друго“, рече премиерот.

Во однос на тоа зошто на владината одлука стои друг, а не неговиот потпис, Ковачевски повтори и појасни дека кога е информиран на координација дека има таква точка, тој тогаш не присуствува на седница на Влада и со седница на Влада раководи вицепремиер.

„На седница на Влада, оној кој раководи со точката – тој ја потпишува одлуката која што се носи во време кога раководи со точката. И затоа можете да видите дека има одлуки на Владата кои се потпишани од претседател на Влада, меѓутоа има одлуки што се потпишани од другите вицеппремиери, доколку претседателот на Влада не бил присутен на седницата кога одредена точка се расправала или доколку не бил присутен на целата седница на Влада“, рече Ковачевски.

Додаде дека сите граѓани на оваа држава без исклучок се рамноправни и како физички и како правни лица во правниот промет во државата, и дека тој никогаш во минатото не коментирал приватни животи или приватни инвестиции на кого било, како што за него опозицијата го прави од прв ден.

„Јас никогаш не сум коментирал, на пример, дека брачен другар на сопственик на медиум има добиено 1.4 милиони денари за спроведување на проект со државно финансирање. Затоа што верувам дека тоа било спроведено согласно законските постапки. Никогаш не сум коментирал кога сопственик на медиум ќе добие 50 милиони евра државни набавки, затоа што верувам дека тоа било направено согласно законски процедури. Јас исто така, никогаш не сум коментирал кога дете, на пример на амбасадор, на поранешен амбасадор, на министер, поранешен министер, ќе добие финансирање, за да студира на еден од најдобрите светски универзитети од државата, затоа што верувам дека постапката била запазена. Исто така не сум коментирал кога брачен другар на министер ќе добие финансирање од страна на национален медиумски сервис во износ од над 100.000 евра за да произведува одредена програма, бидејќи сум верувал бидејќи тоа било направено согласно законски постапки. Но, не сакам да верувам во нешто што имам слушнато дека поранешен министер во поранешна Влада покрај платата што ја примал добивал и пари во кеш за да ја извршува својата функција“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -