Нема време за Груевски, а има за Чак Норис: Орбан се пофали дека и тој е „уличен борец“ (ВИДЕО)

Само ден по изјавата дека „нема време да дише, а не па да се занимава или да се сретне со Никола Груевски“, унгарските медиуми се полни со видеа и фотографии од лежерната дружба на Виктор Орбан со филмската акциона легенда – Чак Норис.

Норис е во посета на Унгарија за да промовира баптистичка хуманитарна служба, а Орбан со задоволство лично го прошета да ги запознае унгарските командоси на еден нивни тренинг.

А попат, како што може да се види и чуе од видеото што Орбан го сподели на својата Фејсбук страна, унгарскиот премиер му се пофали на Чак Норис (шесткратен светски шампион во карате) дека и тој е еден вид „уличен борец“, но дека не доаѓа од елитата, туку од „мало село на 40 километри одовде“.

„Следниот пат, ако имаш време, дојди“, следуваше покана од Орбан, со дополнување дека „селото не е ништо посебно, но се работи за фино место“.

Прочитајте и:  Орбан: Опасноста од ескалација на војната никогаш не била поголема

Од муабетот во кола разбравме и дека Чак Норис, овој истиот во видеово, има 78 (!) години и може татко да му биде на Орбан. Норис раскажуваше како најстариот син му има 58 години, а најмладиот 17, на што Орбан одговори со: „Значи ти си на иста возраст со татко ми“. Орбан има 55, патем.

Орбан и Норис – кој меѓу другото е познат и по своите конзервативни ставови, разменија и пар реченици околу политиката. Холивудскиот акционен актер рече дека прочитал толку многу за Орбан што веќе има чувство дека го познава. Орбан пак, се надоврза дека 90% од коментарите за него се негативни и дека либералите го мразат, на што Чак Норис на шега додаде: „Го сакаат Трамп“. На ова, исто така на шега, Орбан врати со: „Е па мене малку повеќе“… на што и двајата слатко се изнасмеаја.

- Реклама -