Неостварениот сон на Маркони

markoni

Во 1912-та, Technical World Magazine напиша статија за Гуљелмо Маркони, во која тој постави многу храбри предвидувања за иднината. Маркони, кому му се припишува изумувањето на безжичниот телеграф, опиша свет од иднината во кој војната е невозможна, затоа што човештвото ќе може подобро меѓусебно да комуницира и поефикасно да ја распредели електричната енергија.

Маркони имаше големи соништа за „безжичната ера“, а тие не беа лимитирани на телеграфот, иако тоа дефинитивно беше главниот фокус и неговиот најголем успех. Маркони гледаше на комуникацијата на големи далечини (и теоретски, на можноста да се пренесува струја и енергија преку слични методи) како на лек за сите болести на човештвото. Како и сите други егоманијакални изумители (на пример, Алфред Нобел), Маркони мислеше дека со решавањето на еден технички проблем ќе го смени светот, засекогаш.

За да се разбере гордоста на Маркони, важно е да се разбере дека тој сепак беше револуционерен визионер. Неговите предвидувања за нешта како крајот на војната и слободата од „многу од товарите наметнати од моменталните економски услови“ се многу чекори понапред и од денешното време, а се разбира, уште понапред беа во 1912 година. Не дека со доаѓањето на безжичниот телеграф на светов нештата не се сменија. Проблемот е што нештата ретко се менуваат во предвидлива или во целосно позитивна насока.

Тоа на што Маркони не сметаше е дека повеќе комуникација ќе донесе и повеќе негативна комуникација. Комуникацијата на големи далечини му овозможи на човештвото да се бави со борби на големи далечини, да прави тајни планови, да се бори за моќ, да создава притисоци и да шири влијание и да влета во многу конфликти. Можноста „да ги решиме проблемите со разговор“ не се покажа од многу помош, а сонот на Маркони дека ќе можеме да пренесуваме енергија преку радио бранови не се оствари.

Маркони беше заслепен од оптимизмот во револуцијата. Тој виде огромен потенцијал и заклучи дека човештвото ќе ги искористи овие можности за да се самоподобри. Ама тоа што не го предвиде е тоа што луѓето не функционираат баш така.
Човештвото војува преку целата позната историја, а зголемената можност за комуникација, па и за подобро дистрибуирање на ресурсите – што реално ги имаме, никогаш не го промени тоа. Ништо од тоа што се случи не покажа таква моќ да направи целото човештво да се согласува.

Најголемиот проблем со кој се соочува човечката раса нема ништо заедничко со инфраструктурата или комуникацијата, туку со неможноста да се согласи и фактот дека во сите делови на светот од една страна има луѓе што просперираат, а од другата – луѓе што страдаат.

Ќе беше прекрасно ако безжичниот трансфер на Маркони работеше, но во најдобар случај тоа ќе го сменеше начинот на кој се бориме за ресурси. Сега засега, човештвото покажува дека е скроено така што секој конфликт се стреми да го решава на сила, а додека е така, ниту една технологија нема да може да нé спаси од самите себе. А којзнае, можеби само треба повеќе да сонуваме, како Маркони.

stream_img[1]

- Реклама -