Нереализираните надежи на црнците по осумгодишниот мандат на Обама

obama

За мене ќе биде еднакво на лична победа, победа на моето наследство, ако афроамериканската заедница го спушти гардот и не се размрда за време на овие избори, рече Барак Обама на гала вечерата, организирана од Фондацијата на групата на обоени во американскиот Конгрес. Обама ги повика Афроамериканците да го спречат републиканскиот кандидат Доналд Трамп да дојде до Белата куќа.

Самиот Обама сакаше да даде придонес на почетокот на пострасистичката ера во САД. Иако тој се претставуваше како претседател на сите Американци, од денот на неговиот избор во 2008 година небелата заедница почна во него да гаи една надеж – дека ќе биде ставен крај на нееднаквостите во една земја која е поделена на расна основа. Осум години подоцна, мнозинството од оние кои не се белци ќе гласаат за кандидатот на демократите за претседател, но многу темнокожи Американци се разочарани од осумте години на власт на првиот црнец претседател на САД.

Трејвон Мартин, Ерик Гарнер, Фреди Греј, Филрандо Кастаил – списокот на темнокожите жртви на полициски грешки незапирливо растеше во последните неколку години. Во 2015 година, бројот на црнци застрелани од полицијата изнесуваше 258 лица, според статистиката на „Вашингтон пост“. А од почетокот на тековнава година, тој веќе достигна 169.

„Останува чувството за исклучително полициско насилство за време на мандатот на Обама“, рече Марк Денг, професор на Универзитетот „Дидро“ во Париз и експерт за историјата на САД. „Во таа смисла, исто така поседуваме детали кои претходно ги немавме. Тоа е благодарение на социјалните мрежи. Можеби фактот што во Белата куќа има црно лице, натера повеќе луѓе да го разобличат однесувањето на полицијата, дополни експертот“.

„Претходно, тие случаи беа покривани на локално ниво и многу тешко излегуваа на површината“, рече Каролин Ролан-Диамон, професор на Универзитетот „Нантер“ во Париз, експерт за историјата на САД и авторка на книгата „Црна Америка: Една историја на борбите за еднаквост и праведност“.

Пред тие појави на насилства, Обама формира специјална работна група, а потоа донесе и построга законска рамка за користење на воено оружје од полициските сили. Од своја страна, Министерството за правда ги прошири надлежностите со цел да им помогне на локалните полициски сили почесто да користат камери за време на операциите. Но, носењето на тие камери воопшто не е норма во САД, затоа што федералната администрација има слабо влијание врз локалната полиција. А и во САД правосудството останува наклонето кон полицајците кои се обвинети во тој вид на случаи.

Афроамериканското население сочинува околу 14 проценти од вкупната популација во САД, според последниот попис од 2010 година. Освен тоа, со темна кожа се 40 проценти од американските затвореници и 34 проценти од осудените на смрт од 1976 година, според податоци на веб страната deathpenaltyinfo.com.

„Навистина, Барак Обама беше првиот претседател кој во 2015 година посети федерален затвор, но требаше да минат седум години за да го отвори (во јануари 2016 година) прашањето за пренатрупаните американски затвори и за неопходноста од реформа на затворите“, потсети Каролин Ролан-Диамон. „Од тогаш, тој дејствува преку претседателски укази за да го намали бројот на случаи на испраќање на затвореници во самици (тоа се однесува на околу 100.000 затвореници), го користи правото на претседателско помилување за да ги намали казните за десетици затвореници. Обама исто така направи отстапки за намалување на максимално можните пресуди за криминал, кои не се придружени со насилства“, додава таа.

Но, во тоа се соочува со противење од страна на Конгресот. Според статистичката служба на Министерството за правда, повеќе од половината затворени во американските федерални затвори се осудени за трговија со наркотици, а поголемиот дел од нив се црнци.

Кога Обама беше избран во 2008 година, невработеноста меѓу Афроамериканците беше 12.7 проценти, според податоците на Министерството за труд. Сега невработеноста меѓу Афроамериканците е 8.3 проценти во последните два месеци од тековната година, но таа стапка е речиси двапати повисока од невработеноста меѓу вкупното американско население, која изнесува 4.8 проценти. Исти разлики има и во однос на платите, посочува едно истражување на истражувачкиот институт Пју.

Прочитајте и:  Наришкин по измените во нуклеарната доктрина: Улогата на НАТО во украинските ракетни напади на Русија нема да помине неказнето

Минатата година, 43.1 милиони лица (или 13.5 проценти) живееја под прагот на сиромаштијата, дефиниран на 15.301 долари годишно за семејство од две лица. Кај црнците, 24.1 проценти живеат под тој праг, велат официјалните статистики.

„Посветен да биде претседател на сите Американци, Барак Обама водеше политика со визија за намалување на нееднаквоста, но без таа да е насочена кон едно или друго малцинство. Тоа беше една ограничена политика“, смета Каролин Ролан-Диамон.

Во осумте години власт на Обама, дури и се продлабочија разликите меѓу црнците и белците според нивото на богатство. Една од причините за тоа беше кризата со недвижните имоти и хипотекарните кредити од 2008 година. Над 240.000 афроамерикански сопственици на имоти ги загубија живеалиштата и не може да си ги повратат, откако нивните средства се стопија до нула, додава таа. Некои мерки започнати за време на претседателствувањето на Обама, всушност им помогнаа на малцинствата, а меѓу најизвиканите беше реформата во здравството, наречена „Обамакер“, која им помогна на многу сиромашни луѓе без никакво здравствено осигурување.

Во областа на образованието, во последниве години напорите беа насочени кон тоа да се намали цената на универзитетското образование. Беа зголемени средствата за Федералната програма за студентско кредитирање, која го носи името на нејзиниот иницијатор сенаторот „Клерборн Пел“, со која се даваат стипендии на студенти од семејства со ограничени приходи. Но, нееднаквостите продолжуваат да постојат на сите нивоа во образовниот систем. Неодамна едно федерално истражување покажа дека афроамериканските ученици имаат четири пати повеќе шанси да бидат исклучени од училиште во споредба со белите ученици.

„Кога Обама беше првпат избран, Американците имаа желба да веруваат во него. Разочарувањето кое следуваше беше уште поголемо кај малцинствата. Движењето „Black lives matter“ (Црните животи вредат) се роди на основа на таа неостварена надеж“, објаснува Каролин Ролан-Диамон. „И таа мобилизација предизвика спротивни реакции кај дел од белото население на САД, кое го смета тоа движење за претерано агресивно“, потсетува експертката.

Таа ја поставува хипотезата дека чувството за влошување на односите меѓу заедниците е повеќе прашање од сеопштиот впечаток кој е потхрануван од инцидентите и протестите, отколку од фактичко влошување на односите во секојдневието. Но, во САД сепак владее впечатокот дека ситуацијата со односите меѓу заедниците е полоша отколку пред осум години. Според неодамнешна анкета на „Њујорк тајмс“, 61 проценти од Американците мислат дека меѓурасните односи во земјата во целина се лоши.

„Демократската партија не успеа и ја предаде афроамериканската заедница“, изјави минатиот месец Доналд Трамп. Демократите ги сметаат гласовите на Афроамериканците за загарантирани. Тие поаѓаат од принципот дека ќе ја добијат вашата поддршка, но не прават ништо во замена, дополни тој.

До првите децении на 20. век, 93 проценти од црнците гласаа за републиканците, затоа што тоа беше партијата на Абрахам Линколн, претседателот кој го укина ропството.

Преминувањето на гласовите на црнците од Републиканската кон Демократската партија се случи во 30-ите години од минатиот век, со социјалните мерки за „Новиот договор“ на Френклин Рузвелт. Тие гласови на црнците за демократите се консолидираа во 60-те, со социјалната политика на Кенеди и посебно на Џонсон.

„Денес црните гласачи главно гласаат за демократите“, објаснува Керолин Ролан-Диамон. Според една неодамнешна анкета на „Ју-Ес-Еј Тудеј“ и Универзитетот „Сафолк“, Трамп има поддршка од едвај четири проценти од црните избирачи.

Извор: Фигаро

- Реклама -