Нетанјаху ги поздравил војниците на ИДФ и оценил дека тие се неверојатни во нападите врз непријателите на Израел и подигање на моралот на народот
И покрај неодамнешните воени успеси, Израел сè уште се соочува со значителни предизвици, изјавил на денешниот состанок на владата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Израел е во судбоносни денови. Ова се денови на историски достигнувања, но и денови на големи предизвици кои се уште се пред нас“,
изјавил тој додека израелските одбранбени сили (ИДФ) нанесуваат серија тешки удари врз терористичката група Хезболах во Либан, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху ги поздравил војниците на ИДФ и оценил дека тие се неверојатни во нападите врз непријателите на Израел и подигање на моралот на народот. Тој исто така изразил сочувство до ужалените семејства и на „драгите семејства на заложниците“.
„Ние сме во војна за нашето постоење. Ќе ги здружиме силите, ќе одиме рака под рака и ќе ги победиме нашите непријатели. Нека заврши годината и нејзините проклетства“,
завршил тој.
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека во денешен израелски напад е убиен нивниот водач во Либан, Фатех Шериф Абу ел-Амин. Тој бил убиен заедно со неговата сопруга, син и ќерка, во нападот што бил насочен кон нивната куќа во палестинскиот бегалски камп во јужниот град Тир, пренесува Ројтерс.
Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), милитантна група која учествува во борбата против Израел, пак, соопшти дека тројца негови водачи биле убиени во напад што го таргетирал округот Кола во Бејрут, место во градот каде што се собираат такси-возила и автобуси.
Во израелскиот напад загинаа членот на политичкото биро и шеф на воено-безбедносниот оддел Мохамед Абед Ал-Ал, членот на воениот оддел и воената команда во Либан Имад Одех и Абдул Рахман Абед Ал-Ал.
Во засилените израелски бомбардирања во текот на две недели загинаа низа највисоки функционери на Хезболах, вклучувајќи го и нивниот лидер Хасан Насралах.